Што е Uslugi.gov.mk – национален портал за електронски услуги

67

Неодамна започна со работа Националниот портал за електронски услуги, достапен на Uslugi.gov.mk, којшто има за цел на граѓаните да им овозможи брз и лесен пристап до информации за јавните услуги од надлежните органи и државни субјекти. Порталот е воспоставен и управуван од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Како функционира Uslugi.gov.mk?

Националниот портал за е – услуги е електронска платформа преку којашто можат да се добијат информации за јавни административни услуги од сите институции во државата и директно да се користат јавни административни услуги кои се достапни како е – услуги.

Порталот се состои од јавен и приватен дел. Во јавниот дел, којшто е достапен за сите, можат да се најдат детални информации за тоа како да се заврши било која административна услуга од било која институција, вклучувајќи ги надлежните органи за услугата, потребните обрасци, поднесоци, услови, докази, рокови, информациите за плаќање, законската регулатива, итн.

Во приватниот дел, пак, којшто е достапен само за регистрирани и идентификувани корисници, можат да се поднесуваат барања за добивање на одредена е – услуга, да се платат надоместоци и административни такси, да се следи статусот на постапката и да се преземат други чекори кои овозможуваат завршување на одредена административна услуга директно онлајн, од комфорот на домот.

Услугите можат да се пребаруваат според категорија и поткатегорија, животен настан, надлежен орган, со користење на алатка за пребарување или пак според азбучен редослед. Сите услуги кои се достапни за завршување како е – услуги се означени со специјален “е“ знак и можат да се најдат директно на овој линк.

Регистрација, ЕЕБГ и eID

За пристапување во приватниот дел на порталот и извршување на е – услуги, потребно е да се креира кориснички профил, односно eID профил, којшто има неколку нивоа: основно, ниско и високо. eID е средство за електронска идентификација и претставува кориснички профил за конкретно физичко лице.

При процесот на регистрација, eID профилот се поврзува со идентитетот на граѓанинот еднократно. Поврзувањето се прави со лично присуство и проверка на личните податоци, со помош на документи за лична идентификација, и со потврда во Централниот регистар на население (ЦРН).

За секоја од достапните е – услуги е потребно одредено ниво на eID профил, кое е означено на јавниот дел на Порталот.

Сите граѓани можат да се регистрираат бесплатно на следниов линк
http://bit.ly/UslugiGovMkRegister.

Важно е да се истакне дека граѓаните кои имаат кориснички сметки во УЈП можат директно да добијат eID профил со ниско ниво, коешто им овозможува пристап до речиси сите е-услуги. Сѐ што треба да направат е да се логираат со нивното корисничко име и лозинка од УЈП на следниов линк.

При креирање на eID профилот кога корисникот ќе го потврди процесот на регистрација, со клик на линкот од добиената порака, во Централниот регистар на население се креира ЕЕБГ (Единствен електронски број на граѓанинот). ЕЕБГ претставува врска помеѓу eID профилот и идентитетот на корисникот преку податоците достапни во Регистарот за население. При секоја успешна најава со ЕЕБГ се преземаат податоци на корисникот од ЦРН.

Број на достапни услуги

На порталот Uslugi.gov.mk се достапни информации за повеќе од 700 услуги и 1.289 институции. Од услугите, 127 во овој момент се електронски, а овој број постојано ќе се зголемува во иднина согласно тековната дигитализација на институциите и органите.

“Заедно со надлежните институции, работиме на постојано зголемување на бројот на достапните е-услуги, па затоа ги повикуваме граѓаните да креираат eID профили и да ги искористат предностите на завршување административни работи онлајн“, велат од МИОА.

Од МИОА најавуваат и дека некои од најбараните е – услуги како што се вадењето лични документи и исправи, ќе бидат достапни на порталот во најкраток можен рок.