Што е врвен продавач?!

9

eden

Фото: Pixabay

Што го прави еден продавач врвен?

Вечното прашање на секој што работи во продажба или менаџира продавачи или е сопственик на компанија која, се разбира, има потреба од врвни продавачи. Зошто некој од продажниот тим дава подобри резултати од другите? Што ги прави едните подобри од другите? Она што мора да се разбере е дека не е во прашање генетика или среќа, туку повеќе работа на себе.

Постојана надоградба (применето знаење)

Пред некој ден, еден пријател ме праша дали имаме некоја обука за напредни продажни вештини, бидејќи веќе бил на една обука за основи на продажба. Успехот не е во посета на една обука, семинар или да се прочита една книга. Успехот е во постојаната надоградба на нашето знаење. Посета на различни обуки, читање од различни автори, постојан интерес за областа во која работиме. И најважно е, тоа знаење да биде применливо. Во спротивно, ќе може само да се фалиме со информациите што ги поседуваме.

Имплементација на применливото знаење

Сите наши програми за продажба се насочени кон сите 3 типови на „нинџа” продавачи. Оние што само „знаат”, полни со информации, а без некоја практика (добри за во кафеана)  е – ниво 1. Оние што вежбаат, работат на себе, се трудат повеќе или помалку да го применат наученото е – ниво 2. И, нинџи ниво 3 се оние кои постојано тренираат продажба, ги тестираат научените техники и се конзистентни во тоа. Ако сакаме да ги зајакнеме и зголемиме мускулите, ние одиме во теретана, на фитнес, т.е. вежбаме. Од тој аспект, нема никаква разлика помеѓу јакнење на мускули и јакнење на продажните вештини. На обука, кога некој ќе ми каже дека му се познати некои информации, јас му велам, супер, но колку и како ги употребуваш нив?!

Самоанализа

Сите ние немаме проблем да го анализираме другиот, но сами себе си многу ретко сакаме да се анализираме. Една од најдобрите техники за да бидете врвни во тоа што го работите е анализа на своето работење. Каде ли згрешив, што можев подобро да направам, како можев побрзо да го направам тоа, како можев да заштедам итн. Ако сакате да подобрите нешто, прво мора да знаете што не чини или каде се наоѓате во моментот (за да направите чекор во која било насока). Една техника за себеспознавање е да ги прашате и другите (колегите) што е она што го забележуваат кај вас, како слаба или силна страна.

Карактеристиките на продавачот

Во секој случај, кој совет и да го напишеме за тоа како се станува врвен продавач, секогаш сè се сведува на една работа. Карактерните особини на продавачот. Ние кога регрутираме нови членови во тимот, повеќе внимаваме на карактерните особини на личноста, и дали се совпаѓа со нашето ДНК, отколку на вештините кои ги поседува. Ако некој сака и е трудољубив, желен за знаење, ја сака работата и дава најдоброто од себе, нема нешто што не може да го научи. Повеќе цениме добар карактер, отколку добар продавач. Понекогаш, односот и работните навики на секој поединец се поважни од вештините што ги поседува. Затоа, бидете многу внимателни уште од самиот почеток, кога го избирате вашиот тим.

Во секој случај, треба да знаеме дека никој не е роден со продажни (или кои било) вештини. За сè е потребно многу работа, тренинг и пожртвуваност.

Со успех во брзите промени.

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.