Што е Wangiri scam?

191

Дали ви се случило да забележи пропуштен повик од непознат број на вашиот телефон?

Станува збор за таканаречен wangiri scam, поим што потекнува од Јапонија, што во буквален превод значи “пушти да ѕвони еднаш и прекини ја врската“ (one ring missed call). Се работи за измама од лица кои повикуваат од непознат број од странство и веднаш ја прекинуваат врска штом заѕвони телефонот. “Жртвата“ ќе забележи само пропуштен повик на својот телефон.

“Измамниците“ се надеваат дека жртвата ќе им одговори, а кога ќе се случи тоа, жртвата слуша тон на бирање или некоја снимка за да може разговорот да трае што е можно подолго. Жртвата врти на скапиот странски број, а трошоците за секоја помината минута се зголемуваат. Колку подолго трае повикот, толку и телефонската сметка ќе биде повисока.

За да се заштитите од ваква евентуална измама, најдобро е да не одговарате на повикот и да не ѕвоните на непознати броеви од странство. Исто така, може и да се блокираат повици од странство, а ова е особено корисно ако често ви случува да добиете пропуштени повици од странство од непознати лица.

“Не постои друга мерка за заштита на крајните корисници, освен едукација и подигање на свеста за можните измами. Не постои ниту пак софистицирано техничко решение што операторите би можеле да го имплементираат за да може автоматски да спречат вакви појави. Единствено, системите за детекција на измами (fraud detection system) што ги имаат имплементирано операторите им овозможуваат рано откривање на ваквите појави и операторите преземаат мерки, како што е блокирање на серија броеви од коишто потекнуваат ваквите напади. Поради тоа и благодарение на брзото дејствување на операторите за релативно кратко време најголем број од нападите беа спречени. Некои од операторите излегоа и со свои информации за јавноста со коишто ја информираат за да биде внимателна со ваквите пропуштени повици и да не се јавува“, велат од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за МИА.

За оние корисници кои веќе се јавиле на пропуштените повици и во наредниот период ќе добијат повисоки сметки за електронски комуникации, од АЕК советуваат да се обратат до операторите и да поднесат приговор бидејќи претходно операторите ги коригирале ваквите сметки по поднесен приговор.

Како што пишува МИА, повиците во земјава најчесто потекнуваа од Литванија, Естонија и сателитскиот оператор Глобал стар. По преземените мерки за заштита од страна на операторите, како што се наведува, неколку часа по повиците беа блокирани најголем дел од броевите преку коишто се остваруваше ваквата измама, но, како што предупреди АЕК, тоа не значи дека ваква измама нема да се повтори од други броеви во иднина.

Фото: Pixabay