Што е заедничко за земјите кои успешно се борат против пандемијата

111

Нашето внимание е секојдневно насочено кон нашите лидери, но и кон другите земји за тоа како се борат против коронавирусот. Забележително е тоа што многу лидерки успешно се истакнуваат во борбата против епидемијата. Веќе неколку недели, премиерката на Нов Зеланд, германската канцеларка и многу други политичари ги исполнуваат насловните страни, бидејќи тие прават одлична работа во справување со коронавирусот во нивните земји.

Кои се тие жени?

Меѓу првите и најбрзите во донесувањето одлуки беше  претседателката на Тајван, Цаи Инг-вен. Уште во јануари, со првите знаци на новата болест, таа воведе 124 мерки за да го запре нејзиното ширење, избегнувајќи строги мерки што станаа вообичаени на друго место.

Тајван реагираше брзо и почна да произведува дури 10 милиони маски на ден за да се осигура дека сите имаат доволно. Особено беше важно да се заштитат бидејќи Тајван се граничи со Кина. Додека произведуваа голем број маски,  исто така ја ограничија нивната продажба на три парчиња по човек неделно. Граѓаните ја сакаат заради едноставното изразување и смиреност кога им е најпотребна.

Џасинда Ардерн, премиерката на Нов Зеланд води успешна битка во својата земја, а според некои предвидувања, наскоро би можело да престане растот на бројот на новозаразени.

Нов Зеланд, предводен од Ардерн, на 26 март прогласи карантин за да го спречи ширењето на вирусот низ целата земја, а ограничувањата се чини дека доведоа до успех. Тие, исто така, прават до неколку илјади тестови на дневна основа.

Германија е една од тешко погодените земји, но има  ниска стапка на смртност. Земјата спроведува бројни тестирања и располага со голем број кревети во одделенијата за интензивна нега. Канцеларката Ангела Меркел беше во карантин, а нејзиниот говор во кој истакна дека Германија се бори со најголемата опасност од Втората светска војна ги охрабри Германците да ги прифатат драстичните мерки.

“Сериозно е, сфатете го сериозно“, рече таа.

Исланд под водство на премиерката Катрин Јакобсдотир нуди бесплатно тестирање на сите граѓани, што ќе овозможи изучување на ширењето на вирусот и стапката на смртност врз основа на прецизни податоци. Повеќето земји имаат ограничен број тестирања и ги спроведуваат само кај луѓето со симптоми. Поради масовното тестирање и поради темелниот систем на следење на заразените, Катрин не мораше да воведе мерки за изолација, ниту да ги затвори училиштата.

Во Финска, Сана Марин стана најмладата премиерка, избрана минатиот декември. Како вистинска милениумка, таа ја предводи борбата против вирусот користејќи ги инфлуенсерите на социјалните мрежи, бидејќи знае дека не сите ги следат традиционалните медиуми.

Премиерката на Норвешка, Ерна Солберг, дојде до иновативна идеја, преку телевизија директно им се обрати на децата во Норвешка, а тоа го направи и премиерката на Данска, Мете Фредриксен, која одржа прес-конференција само за децата. Таа одговараше на прашањата на децата, им објаснуваше дека е во ред да се чувствуваат исплашено. Воодушевува тоа што идејата е едноставна, а сепак оригинална бидејќи никогаш досега ниеден лидер не се сетил да го направи тоа.

Фото: Pixabay