Што најчесто Македонците купуваат од интернет

117

Купувањето преку интернет стана секојдневие во ера на пандемија. Податоците на македонската статистика покажуваат дека 40,1% од лицата кои користат Интернет во последните 12 месеци купиле нешто преку интернет.

Најголем дел од шопингот на интернет (36,4%) отпаѓа на облека, чевли и додатоци, како што се чанти и накит. Скоро половина од електронската трговија била направена од продавачи во земјава (48,2%), додека на продавачи од земјите на ЕУ отпаѓаат 10%, а на продавачи од другиот дел на светот има удел од 13,5%.

Меѓу производите што најмногу се купуваат преку интернет се и: спортска опрема (9,4%), компјутери, таблети, мобилни телефони или додатоци (6,3%) и козметика (6,1%).

Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2020 година, 79,9% од домаќинствата имале пристап на интернет од дома. Учеството на домаќинствата со широкопојасен интернет според типот на населеното место, во вкупниот број на домаќинства, изнесува 87,8%.

Во првото тримесечје од 2020 година, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, интернет користеле 81,4%, а 70,9% го користеле секој ден или речиси секој ден.

Фото: Freepik