Што научивме за македонската економија, како понатаму?

20

eib

Денес, петок, 11 ноември 2016 година, со почеток во 10 часот, започнува конференцијата насловена ПЕРСПЕКТИВИ 2016 на тема: 25 години независна Република Македонија – што научивме за македонската економија, како понатаму?

Целта на конференцијата е да им овозможи на присутните слушатели да го визуелизираат економскиот амбиент што ги очекува во иднина, полесно да ги позиционираат своите очекувања за иднината и полесно да ги (ре)дефинираат своите бизнис стратегии.

„Живееме во општество кое главно е фокусирано на краткорочните економски прашања, како дел од дневната политика којашто сите ги преплавува. Во вакви околности, а имајќи предвид дека годинава прославуваме значаен јубилеј – 25 години независна Република Македонија, на оваа конференција ќе дискутираме за долгорочните, стратешки важни економски прашања. Тоа се оние прашања од кои зависи долгорочната одржливост, успехот и опстанокот на сите субјекти кои работат и се дел од македонската економија“, изјави за медиумите Зоран Јовановски, косопственик на бизнис магазинот Економија и бизнис – организатор на оваа панел конференција.

На конференцијата ќе се дискутира за ризиците и предизвиците пред кои е исправена македонската економија и како би можеле да се справиме со нив. Во тој контекст, фокусот ќе биде ставен на тоа какви економски политики ѝ се потребни на Република Македонија за наредните 25 години, како да се зголемат домашните инвестиции, вработеноста и животниот стандард, при што ќе се слушнат ставовите на бизнис секторот. На конференцијата ќе се разговара и за перспективите за регионална економска интеграција и што би значела таа за македонските компании.

Според програмата, на конференцијата ќе говорат гувернерот Димитар Богов, шефот на делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, директорот на Македонската берза, Иван Штериев, видни претставници на бизнис секторот и професори, гости од регионот, итн.