Што ни е поважно кога купуваме – цена или квалитет?

136

Што е пресудно кога купуваме некој производ – дали тоа е неговата цена, квалитетот или нешто сосема друго? Според истражувањето што го спроведе Организацијата на потрошувачи на Македонија, како клучен фактор при набавка на производ или услуга, потрошувачите го посочиле квалитетот со 51,5%, додека на второ места е цената со 35,2% и на трето место е брендот со даден приоритет при избор од 6,1% од испитаниците.

Во доменот на услугите, кога се во прашање услугите за лични потреби, како што покажуваат податоци, се трошат најмалку парични средства и тоа 13,2%, додека потрошувачката за јавни услуги (како на пример, телекомуникации, електрична енергија, водостопанство) се на второ место. Вкупно 80% од испитаниците наведоа дека трошат до 10% од својот буџет за онлајн набавки, а само 2% од испитаниците трошат над 50% од својот буџет преку купување на интернет.

Скоро половина од испитаниците (49%) не го читаат договорот пред да го потпишат и 42,3% не инсистираат да добијат фискална сметка.

Интересен е податокот, нотираат од Организација на потрошувачи на Македонија, од одговорите на прашањето Дали знаете дека имате право да го вратите производот во рок од 15 дена со приложување на фискална сметка? Најголем број на потрошувачи (48%) не го знаат ова потрошувачко право , додека 22,1% испитаници се изјасниле дека го примениле ова право. Другиот дел испитаници имаат слушнато, но не се сигурни во неговата примена.

Во анализата биле вклучени 367 лица, најголем дел припаднички на женскиот пол, а најфреквентна група во прашалникот е со возраст од 18 до 25 години. Од сите, 55% се жители на скопскиот регион, додека најмалку одговори се добиени од жители од полошкиот регион.

Фото: Freepik