Иако хотел со пет ѕвезди асоцира на луксуз, сепак се поставува прашањето што крие “сјајот“ на секоја ѕвезда. Секоја од овие ѕвезди носи одредени стандарди што хотелот мора да ги исполни.
1*
Хотелите означени со една ѕвезда се наменети за сите оние луѓе кои не очекуваат луксуз ниту премногу удобен кревет. Задолжително е сите соби во хотелот да имаат купатило со туш кабина или када. Во овие хотели е задолжително чистење на собите секојдневно, а меѓу опрема мора да има столица, сапун и телевизор. Рецепцијата во хотелите со по една ѕвезда треба да работи барем осум часа во текот на денот. Појадокот мора да се послужи во хотелот, а пијалаците да бидат достапни на гостите во текот на целиот дел, но не бесплатно.
2**
За хотелите што имаат две ѕвезди, освен оние стандарди пропишани за хотелите со една ѕвезда, не е доволно само да се обезбеди појадок во хотелот, туку тоа да биде шведска маса. Во собите, освен телевизор, покрај креветот мора да има светло за читање и орман за оставање на предмети. Во купатилото наместо сапун, треба да има гел за туширање и пешкири, како и некои ситници од приборот за лична хигиена.
3***
Сите услови што важат за претходните две категории, важат и за хотелите со три ѕвезди, но сепак дополнети со нови услови. Па така, во овие хотели рецепцијата треба да работи минимум 14 часа дневно. Во просторот предвиден за рецепција треба да има минимум три гарнитури за седење и простор за оставање на багажот. Кога се работи за условите во собите, се заоструваат и критериумите што треба да бидат исполнети. Па така, во секоја соба треба да има мини бар или пијалак, телефон и пристап до интернет. Во купатилата треба да има некакво грејно тело, како и фен за коса. Во собите треба да се предвиди простор за големо огледало и место за оставање на работите.
4****
Оптималните стандарди од претходните категории важат и за хотелите со четири ѕвезди. Она што треба дополнително да се обезбеди кај нив е тоа што рецепцијата треба да работи минимум 18 часа дневно. Во собите треба да биде обезбеден појадок, а мини барот да биде секогаш полн. Освен кревет, масичка со столче и орман, соба во ваков хотел треба да има и фотелја или кауч, како и мала клуб масичка. Купатилото секога треба да биде подобро опремено.
5*****
Хотелите со пет ѕвезди се веќе синоним за луксуз. Во нив, рецепцијата работи 24 часа, а сите гости имаат на располагање лице кое е задолжено за паркирање на возилата, како и лица кои ќе го носат багажот на гостите. Собите треба да бидат удобни, со мали додатоци и детали, сеф и брз интернет.
7*******
Во светот веќе години наназад се поместуваат стандардите кога станува збор за хотелиерството особено во богатите земји што се магнет за туристи од целиот свет. Прв хотел што има седум ѕвезди е Burj Al Arab во Дубаи. Не постои стандардизација кога се работи за оваа категорија, но поради луксузот во којшто треба гостите да уживаат, се разликуваат од хотелите со пет ѕвезди.
На крајот, секогаш кога треба да изберете хотел во којшто ќе престојувате една ноќ или цел месец, важно е да биде чист и да ги има неопходните услови што ви се потребни. Пред да го изберете, прочитајте препораки, консултирајте се со професионалци, пребарајте на интернет… за да ги сведете на минимум сите непријатни изненадувања за време на патувањето.
Фото: Pixabay