Што остана на менијата во руските ресторани по забраната за увоз на храна?

73

ruski restoran 1

Поради санкциите што Москва ги воведе над прехранбените производи што се увезуваат во земјата, сопствениците на ресторани во Русија, големите супермаркети и производителите на храна се принудени да бараат алтернативи во снабдувањето и подготовката на храна, а се подготвуваат и за недостиг од храна.

Трговските рестрикции, што се одговорот на Русија на американските и европските санкции наметнати поради акциите на земјата во Украина, им наштетуваат на земјоделците на Западот, бидејќи за нив рускиот пазар беше најголем купувач. Но, овие рестрикции ќе ја зголемат потрошувачката на производи од руско производство, се наведува во репортажата на Reuters.

Кремастите француски сирења, стекот од Австрија и рижото со морски плодови веќе не можат да се најдат на менијата во руските ресторани по забраната за увоз на сите видови риби, месо и млечни производи.

“Цените ќе се зголемат, а одредена храна скоро и ќе ја снема. Ќе дадеме се од себе да преживееме, не знам како некои ресторани и кафулиња воопшто можат и да опстанат во вакви услови“, вели Алексеј Папени, сопственик на локал.

Годишната забрана на увоз на производи од САД, ЕУ, Канада, Австралија и Норвешка ја опиша како “руска санкција против Русите“, мислење што го делат голем број луѓе.

Традиционалниот јапонски специјалитет – суши беше посебно популарен во Русија, а голем е бројот на ресторани што досега го нудеа на своите гости. Но, сега ќе мора Русите да се навикнат да живеат и без него. Во репортажата на Reuters се нотира дека овие санкции најмногу ќе ја погодат средната класа во Русија.

Еден ресторан во Екатеринбург веќе понуди “санкционирано мени“ само со руски јадења.