Фото: Pixabay
Гумите на возилото претставуваат важен елемент за безбедно и непречено движење на кратки или долги релации по различни временски услови. Па така, изборот на квалитетни гуми е многу важен, па дури и пресуден во одредени ситуации. Ова особено важи за возење во зима, кога условите на патот не дозволуваат никаква импровизација.
На секоја гума постојат различни ознаки што треба да го информираат купувачот за перформансите и нивниот квалитет.
- Димензии на гумите – еден од најважните податоци за гумите. Ознаките покажуваат ширина, висина и радијална конструкција. На пример, доколку на гумата стојат ознаките (225/55 R19), тоа значи дека ширината на гумата е 225 милиметри, висока е 55 милиметри, а отворот на бандажот е со големина 19.
- Зимски, летни или комбинирани гуми – според регулативата, зимски гуми се оние кои на бочната страна имаат некоја од овие ознаки; MS, M+S или M&S (mud and snow – кал и снег) и знак на снегулка на стилизирана планина со три врвови. Истите овие ознаки може да се најдат и на таканаречените комбинирани, односно гуми за сите сезони.
- Постојат и броеви што означуваат индекс на носивост на гумата, односно колкаво е најголемото оптоварување што може да го поднесе.
- Ознаката V покажува индекс на брзина, односно која е максималната брзина што гумата може да ја издржи.
- TL е кратенка за тубелес, односно гума што нема уште една внатрешна гума
Разликата меѓу летни, зимски и комбинирани гуми е видлива на прв поглед. Кај летните гуми има долги шари за исфрлање на водата. Кај зимските гуми може да се забележи многу подлабока шара и различни детали што овозможуваат полесно да се исфрла снегот. Комбинираните гуми го поврзуваат она што е карактеристично и за летните и за зимските гуми. Од нив се бара поголема издржливост на високи температури за разлика од зимските гуми, а да може да ги понудат истите перформанси доколку се движат по снег или мраз.
За потсетување, од 15-ти ноември до 15-ти март е задолжително носење на зимска опрема во возилата.