Што сè поскапе во јуни?

33

Трошоците на животот и цените на мало во јуни оваа година, во однос на претходниот месец, се зголемени за 0,8%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Трошоците на животот во јуни оваа година, во однос на истиот период лани, бележат зголемување од 1,7%, а кај цените на мало има пораст од 0,2%.

Пораст на трошоците на животот во јуни 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 13,6%, свежиот и разладениот зеленчук, освен компири и други коренести плодови за 6,2%, сувото овошје и јаткастите производи за 3,5%, пивото за 0,9%, лебот и житата за 0,6%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, прехранбените производи, неспоменати на друго место, виното за 0,3%.

Во јуни 2020 година, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 18,6%, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 9,7%, другите услуги за опрема за сопствен превоз за 1,9%, велосипедите за 1%, електричните апарати за лична хигиена за 0,8%, услугите за одржување и поправки на живеалиштето, големите електрични апарати за домаќинствата, фармацевтските производи за 0,5%, малите електрични апарати за домаќинствата, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,4%, накитот, часовниците и рачните часовници за 0,3%, другите медицински производи за 0,2%.

Намалување на трошоците на животот во јуни 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај жестоките пијалаци за 0,6%, месото, јајцата за 0,5%, сирењето и урдата, маслото и маснотиите, минералната вода, газираните пијалаци и соковите од овошје и зеленчук за 0,4%, полномасното млеко за 0,2%.

Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај информатичката опрема за обработка на податоците за 5,7%, гасот за домаќинствата за 4,2%, моторните возила за 1,5%, градините, растенијата и цвеќињата за 0,8%, домашните миленици и сродните производи за 0,5%, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето, опремата за спорт, кампување и рекреација на отворено за 0,2%.

Фото: Freepik