Што се зомби компании за кои предупредува Европската банка за обнова и развој

71

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ги повика владите во регионот каде што е активна да ги преиспитаат мерките за поддршка на компаниите од Ковид, предупредувајќи дека поддршката на т.н.  „зомби“ компании би можеле да имаат негативен ефект врз здравите компании.

Додека корпоративниот долг достигна рекордно ниво во приближно 40 економии каде работи ЕБОР, неисполнувањата на обврските паднаа на рекордно ниско ниво во многу земји, откри развојната банка во својот годишен „Извештај за транзиција 2022/2023“ објавен денеска.

ЕБОР вели дека некои компании избегнале доцнење на сервисирањето на долгот поради пристапот до евтини заеми благодарение на владините мерки по пандемијата и финансиската поддршка поради руската инвазија на Украина, пренесува Ројтерс.

Сепак, континуираната поддршка повеќе не е одржлива во светот на високи каматни стапки, се вели во извештајот.

„Сè уште не сме ги виделе последиците во однос на банкрот поради пандемијата и војната. Згора на тоа, помал е бројот на банкроти во новите земји-членки на Европската унија. Постои ризик од „зомбификација“ доколку државните вонредни мерки продолжат многу подолго“, изјави за Ројтерс Беата Јаворчик, главен економист на ЕБОР.

Присуството на „зомби“ компании во една економија негативно се одразува на здравите компании кои бележат намалување на инвестициите, приходите и вработеноста, предупреди ЕБОР.

Субвенционираните кредити на компаниите кои имаат негативни парични текови беа одобрени преку привремени мораториуми за отплата на заемите, договорени намалувања на неподмирените износи, итни грантови и финансиски инјекции за ликвидност од централните банки, покажува извештајот, пренесува Танјуг.

Многу земји, исто така, ја суспендираа, барем привремено, обврската да поднесат барање за стечај.

Секое повлекување на државните кредитни гаранции и субвенции мора да биде постепено за да се избегне каков било шок и „треба да биде прецизно подесено за да се осигура дека финансиска помош добиваат само солвентните и одржливи фирми со привремени проблеми со ликвидноста“, заклучува ЕБОР.