Што треба да знаете за Skype интервју

27

skype-for-computer-desktop2

Фото: Skype

Во денешно време, не е ништо невообичаено да ви закажат интервју за работа на Skype, особено ако сте географски далеку.

Иако интервјуто на Skype се одвива во вашиот дом, сепак треба да се сфати сериозно и да се третира како разговор лице во лице. Првиот впечаток е најважен, па дури и преку веб камера. Според Careerealism, еве на што треба да обрнете внимание доколку се најдете во ситуација да имате Skype интервју:

Облечете се соодветно

Иако не сте во канцеларија во компанијата, облечете се соодветно според индустријата во која конкурирате. Тоа не само што ќе ви го подигне нивото на самодоверба, туку лицето со кое ќе разговарате ќе види дека сте сериозни за разотата за којашто аплицирате.

Избегнувајте гардероба во линии, затоа што понекогаш може да дојде до искривување на сликата преку веб камерата. Внимавајте на позадината, да не се совпадне со бојата на облеката што ја носите и секако, средете ја собата. Идниот работодавач сигурно не сака да види неуредна и нечиста соба.

Опрема

Бидете сигурни дека имате сè што ви треба од опремата – микрофон, веб камера, интернет конекција. Ако имате микрофон или камера со лош квалитет, може да имате проблеми доколку треба да повторувате по неколку пати или ако ви “смрзнува” сликата. Поради лоша интернет конекција може да дојде до доцнење и да имате проблем во комуникацијата. Пред интервјуто тестирајте ја опремата, а за време на интервјуто седете во тивка соба.

Вежбајте

Вежбајте. Запаметете дека треба да гледате во камерата, а не во лицето на мониторот. Зборувајте со умерен тон, не викајте гласно.

Смешкајте се

Смешкањето доаѓа природно при разговор лице во лице, но кога седите пред камера, лесно заборавате на тоа. Смеењето докажано го намалува стресот и шири ентузијазам, затоа не заборавајте да се смешкате.

Подгответе белешки

Една од предностите да имате Skype интервју е тоа што можете незабележано да имате белешки на страна. Белешките можат да ви помогнат ако “заглавите”, но бидете дискретни, а не да читате од листот. Залепете ливчиња околу екранот, на кои ќе има важни и концизни информации. Биографијата нека ви биде при рака, како и информации што се однесуваат на компанијата. Можете да ги запишете и прашањата што сакате вие да ги поставите.