Што вклучува осмиот пакет санкции против Русија?

Балтичките земји и предложија на Европската комисија трговските и енергетските мерки да бидат вклучени во осмиот пакет санкции на ЕУ против Русија, изјави естонскиот министер за надворешни работи Урмас Реинсалу во интервју за Die Welt.
Новите ограничувања ќе влијаат и на SWIFT системот.

Треба да се напомене дека ЕУ досега воведе седум рунди санкции против Русија поради нејзиниот неоправдан напад врз Украина.

„Веќе доставивме конкретни предлози до комисијата за ова прашање. Станува збор за енергетика, трговија, дополнителни ограничувања на системот SWIFT, како и додавање на уште повеќе луѓе и организации на списоците за санкции“, рече министерот.

Балтичките земји сакаат осмиот пакет санкции да биде воведен „што е можно поскоро“, рече Реинсалу, додавајќи дека претходните санкции биле ефективни, но сепак не доволни.

Тој посочи и дека санкциите донекаде негативно се одразиле и врз Европејците.

„Ова е делумно точно на краток рок, но не и на долг рок. Ако не сме подготвени да направиме мала штета сега, тогаш во иднина нашите економии ќе страдаат уште повеќе. Треба да издржиме, па дури и да воведеме построги санкции“, истакна министерот за надворешни работи на Естонија.

Тој, исто така, се залагаше за зголемување на испораките на оружје за Украина, истакнувајќи дека Естонија обезбедува најмногу помош за оружје по глава на жител.
Реинсалу, исто така, ја повика Германија да ја зголеми својата воена поддршка за Украина за да и помогне на земјата разурната од војна да се спротивстави на руската агресија.

Во меѓувреме, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека блокот се соочува со значителни предизвици поради санкциите наметнати на Руската Федерација. Сепак, тој додаде дека тоа се „краткорочни“ предизвици и посочи дека енергетската криза е најголемата криза што Европа некогаш ја доживеала, повикувајќи на единство за надминување на проблемот.

„Прво имаше должничка криза, потоа пандемија, сега енергетска. Единственото решение е единството“, додаде главниот дипломат на ЕУ, цитиран од ТАСС.