Се верува дека најзрелиот чекор што може да се прави со парите е нивна заштеда. Тоа значи дека треба да знаете како рационално да управувате со овој ограничен ресурс за да може да ги задоволите сите потреби, но и да имате заштеда за одредена потреба во иднина.
Финансиските советници сметаат дека треба да се почитува правилото 50:30:20, кога станува збор за рационално користење на парите и нивна заштеда. Тоа значи дека половина од заработката (или 50%) оди на трошоци што не можат да се избегнат, како што се сметки за режиски трошоци, храна и слично. Вкупно 20% од вкупните месечни примања треба да се планираат за заштеда или отплата на долгови, а со останатите 30% може да располагате онака како што сакате.
Често се поставува прашањето дали ако се мали примањата може да се почитува ова правило, бидејќи режиските трошоци се големи и зафаќаат повеќе од половина од месечните примања. Сепак, треба да бидете разумни во трошењето, да пронајдете поефикасен начин да заштедите некој денар, особено за ситуации кога ќе ви бидат потребни екстра пари.
Поимот штедење значи чување на материјални добра и пари за нивно користење во некој иден временски период. Теоријата препознава неколку видови на штедење: материјално, парично, индивидуално, колективно, доброволно и присилно. Поради големото значење на штедењето за економијата, секоја земја води грижа за оваа економска категорија и основа институции чија цел е да го поттикнува населението да штеди.
Фото: Pexels