Швајцарските компании го преместуваат производството во САД

Швајцарските компании имаат намера да преместат дел од своите операции и производство во странство со цел да го ублажат влијанието на американските царини, според анкета на деловната асоцијација „Економиесвис“, која ја објавува „Хина“.

Во истражувањето учествувале 400 компании, а анкетата е спроведена пред и откако Швајцарија постигна договор со САД во ноември, според кој американските царински давачки за увоз на швајцарска стока ќе бидат намалени од 39 на 15 проценти.

Една четвртина од компаниите што учествуваа во анкетата веќе планирале конкретни мерки, а една третина од таа група одлучила да инвестира повеќе надвор од Швајцарија и да го премести производството и операциите во странство, покажаа резултатите од анкетата. Десет проценти од нив имаат намера да го преместат производството и операциите во САД, а само пет проценти во Европската Унија.

Поголемиот дел од компаниите, околу 16 проценти, изјавиле дека би ги преместиле своите операции во трети земји. Меѓу опциите, испитаниците споменале свртување кон други пазари, зголемување на цените на производите и запирање на извозот во САД.

Преместувањето на бизнисот и инвестициите во странство нема да ѝ наштети на Швајцарија, која ќе продолжи да биде привлечна за бизнисот, нагласува Рудолф Минш, главен економист на здружението Економиесвис. Работните места за висококвалификувани работници, како и истражувањето и развојот, компаниите сè уште треба да ги задржат во Швајцарија, забележува Минш.

Како дел од договорот со Вашингтон, Берн вети дека швајцарските компании ќе инвестираат 200 милијарди долари во САД, поттикнувајќи стравувања од можно долгорочно влијание врз економијата.

Доколку фармацевтските компании, најголемите швајцарски извозници, го преместат своето производство наменето за американскиот пазар целосно во САД, кумулативниот швајцарски економски раст во период од пет години ќе падне на 7,7 проценти, пресмета инвестициската банка UBS. Според сегашната прогноза, тој треба да изнесува 10 проценти.

Лидерот на здружението тврди дека Швајцарија е премногу мала за да ги апсорбира 200-те милијарди долари ветени на САД и има долга традиција на инвестирање во странство. Овие инвестиции ќе значат и создавање работни места во Швајцарија, вели тој.

Според официјалните податоци на САД, во 2024 година, Швајцарија имала трговски суфицит со САД од 38,3 милијарди долари. Тој износ се зголемил на 55,7 милијарди долари до јули оваа година, првенствено одразувајќи го зголемувањето на увозот на САД од Швајцарија во текот на првиот квартал, пред Трамп да ги воведе своите „реципрочни“ царини на почетокот на април.