
Сингапур го задржа првото место на листата на најскапи градови во светот трета година по ред, според Извештајот за глобално богатство и начин на живот 2025 објавен од швајцарската банка Julius Baer.
Извештајот е базиран на индексот за начин на живот Julius Baer, кој ги споредува релативните трошоци за кошничка од 20 производи и услуги што богатите потрошувачи најчесто ги купуваат и користат во 25 големи глобални градови – како што се автомобили, накит, правни услуги и приватни училишта.
Според CNBC, анализата вклучувала и податоци од анкета на 360 лица со висока нето вредност (домаќинства со банкарски средства од 1 милион долари или повеќе).
Шестото издание на годишниот извештај доаѓа во услови на глобална економска неизвесност, растечки геополитички тензии и бавно трошење.
Податоците се собрани пред администрацијата на Соединетите Американски Држави да ги објави плановите за воведување тарифи, па затоа последователните флуктуации на пазарот не се земени предвид.
Значајно е што во извештајот е забележан пад на трошоците за живот за лица со висока нето вредност од два проценти, изразени во американски долари.
Ова е важно затоа што, според истиот извештај, „историски гледано, цените на луксузните производи и услуги се зголемиле двојно побрзо од просечните потрошувачки цени“.
Понатаму се наведува дека падот од повеќе од еден процентен поен укажува на предизвиците со кои се соочува луксузниот сектор. „Една од клучните причини е падот на цените на технологијата, кои станаа поевтини во сите региони“.
Спротивно на тоа, цените на билетите за бизнис класа и луксузните часовници значително се зголемија во претходната година – за 18,2 и 5,6 проценти, соодветно, се наведува во извештајот.
По Сингапур, следат Лондон и Хонг Конг, додека меѓу 10-те најскапи градови има дури пет од Европа – на четвртото и петтото место се Монако и Цирих, а Париз и Милано ја затвораат листата.
Дубаи се искачи на седмото место, од минатогодишното дванаесетто, што главно се припишува на зголемувањето на цените на недвижностите, автомобилите и шампањот.
Што се однесува до САД, единствениот град меѓу десетте најскапи е Њујорк, кој е на осмото место.











