Приказната за Ајде на Одмор започна одамна, кога е-трговијата кај нас беше далеку од своите ѕвездени мигови. Идејата дојде спонтано, највеќе поради решавање на личен проблем и проблем на блиски луѓе околу мене, а тоа беше неможноста да резервираме онлајн туристички аранжман, многу време потрошено во споредба на различни аранжмани во туристичките агенции, како и немањето прегледност и транспарентност во понудите на агенциите, вели Игор Арсовски од „Ајде на Одмор“ во интервју за Бизнис Инфо.
Според него, платформата АјдеНаОдмор.мк е вистински win-win за патниците и туристичките агенции. „Бенефитите за сите инволвирани страни кои не водеа и мотивираа низ годиниве сега и ги согледуваме во реалноста и ни се потврдуваат уште првава летна сезона“, истакна тој.
Платформата, вели Арсовски, веќе во првата летна сезона ја потврди својата вредност и патниците започнаа да ги согледуваат бенефитите.
„Па така, бројот на резервации преку Ајде на Одмор е на високо ниво и со тоа можеме слободно да кажеме дека имаме не само proof of concept, туку и тракција на македонскиот пазар“, изјави тој во интервјуто.
Развојот на интернетот и неговото навлегување во секој дел од нашиот живот не го заобиколи ниту туристичкиот сектор. Oд неодамна на македонскиот пазар се појави веб страницата ajdenaodmor.mk. Што е Ајде на одмор и какви услуги нуди?
-„Ајде на Одмор“ е веб агрегатор кој со леснотија ви овозможува да пребарате низ пакет аранжманите на туристичките агенции во Македонија и притоа да направите онлајн резервација! Ајде на Одмор е веб сервис кој не ве ограничува со понудите од локалните туристички агенции, прикажувајќи ви туристички понуди на агенции од различни градови во државава, а притоа ви дава можност целосниот процес на резервација да го завршите електронски, без никаква потреба физички да ја посетите туристичката агенција. Ајде на Одмор е 100% онлајн туристичка агенција.
Оттука, сите услуги кои може да ги добиете во една туристичка агенција, ќе ги добиете и на Ајде на Одмор, но условите и целокупното искуство кое ќе го добиете на нашиот агрегатор е неспоредливо подобро, токму благодарение на развојот и придобивките од интернетот, но и на одличниот тим кој стои позади Ајде на Одмор (и Merakzy).
Една од главните предности на www.ajdenaodmor.mk е интеграцијата со Merakzy. Како функционира Merakzy?
-Оваа последна верзија на www.ajdenaodmor.mk која ја гледате денеска е благодарение и резултат на веб-базираната софтверска платформа Merakzy. Ајде на Одмор на прв поглед делува едноставно решение, што и така треба да биде за патниците, но во позадина сите сложени операции, пресметки, внес и обработка на податоци се одвиваат преку Merakzy.
Merakzy ги рационализира работните процеси во туристичките агенции, ја олеснува соработката со sub-агентите и овозможува беспрекорнa основа на АјдеНаОдмор, овозможувајќи 100% точни податоци за онлајн резервирање на пакет аранжмани и избегнување на ризикот за двојна резервација. Во Merakzy увидоа голема вредност значителен број на тур-оператори и агенции кои целосно го префрлија нивното внатрешно работење во нашата апликација, а по оваа прва летна сезона очекуваме и работиме на тоа нивниот број да биде значително поголем.
Merakzy е резултат на неколкугодишен развој во соработка со туристичките работници во Македонија и можеби ќе звучи нескромно, но тврдам дека е еден од најсеопфатните софтвери за управување со туристчки агенции на македонскиот пазар и во регионот.
Онлајн или електронска трговија денес ги доживува своите ѕвездени мигови, и на глобално ниво и кај нас. Како всушност започна приказната со Ајде на одмор?
-Приказната за Ајде на Одмор започна одамна, кога е-трговијата кај нас беше далеку од своите ѕвездени мигови.
Идејата дојде спонтано, највеќе поради решавање на личен проблем и проблем на блиски луѓе околу мене, а тоа беше неможноста да резервираме онлајн туристички аранжман, многу време потрошено во споредба на различни аранжмани во туристичките агенции, како и немањето прегледност и транспарентност во понудите на агенциите.
Во тоа време си реков, ако може да функционира беспрекорно еден Booking.com, зошто тогаш да не можеш да си резервираш онлајн пакет аранжман во туристичка агенција, кој воедно може да те чини и неколку пати поевтино?
Секако, желбата да креирам нешто напредно, иновативно и свое исто така играше голема улога.
Па така, во далечната 2012 година започна маратонот наречен „Ајде на Одморˮ.
Како и секоја нова идеја, патот до нејзина реализација не беше воопшто лесен. Посебно што оваа беше прилично напредна во времето кога започнавме со работа, а тимот во тоа време немаше никакво искуство со турзмот во Македонија. Па како резултат на тоа, на самиот почетокот се соочивме со бројни предизвици, како:
- Многу тур оператори не работеа на веб-базирани софтверски системи, а истово не беше воопшто компатибилно со нашата визија
- Значителен број на агенции воопшто не користеа никаков софтвер во своето работење
- Културата и веќе воспоставениот начин на работа во самите агенции
Oттука, целосната идеја за преземање на аранжмани и нивна онлајн продажба изгледаше далечна и тешко остварлива… сфативме дека првата верзија на Ајде на Одмор не беше воопшто прилагодена на условите на пазарот.
Но, по првиот неуспех бевме решени да ги надминеме овие предизвици, дополнително вложивме приватни средства, драгоцено време, успеавме паралелно да обезбедиме значителна финансиска помош од Фондот за иновации и технолошки развој, воспоставивме вистинско партнерство со неколку значајни туристички агенции и во период од 5 години развивме софтвер кој целосно одговара со постоечките норми на работа на тур-операторите и туристичките агенции.
Колкав е интересот да се уживаат бенефитите кои ги нуди АјдеНаОдмор.мк, обострано и за туристичките агенции и за патниците?
-Платформата АјдеНаОдмор.мк е вистински win-win за патниците и туристичките агенции. Бенефитите за сите инволвирани страни кои не водеа и мотивираа низ годиниве сега и ги согледуваме во реалноста и ни се потврдуваат уште првава летна сезона.
Бенефитите за патниците се бројни, ќе наведам неколку:
- Нема никаква потреба да одат од една во друга туристичка агенција и да собираат понуди. Притоа, патникот со леснотија може онлајн да резервира пакет аранжман од агенција која се наоѓа во друг град. Ако се земе во предвид и дека веб страните на самите туристички агенции знаат да бидат толку конфузни, што некогаш е подобро да им се јавите на телефон, отколку да пробате да ја прелистувате нивната веб страна, го прави едноставниот и брз преглед на АјдеНаОдмор е уште една голема придобивка.
- Откако патникот ќе направи резервација преку Ајде на Одмор, сите потребни документи ги добива електронски на неговиот email и нема воопшто потреба да ја посетува туристичката агенција.
- Патниците имаат можност да плаќаат на повеќе рати, и тоа истите да бидат платени електронски или преку банкарски трансфер. Притоа, резервација може да биде направена со 30% уплата од вкупната сума
- Цените на аранжманите на Ајде на Одмор знаат да бидат минимум 2-3 пати поевтини од цените на вилите и хотелите на Airbnb и Booking.com, a искуството на кое е базирана нашата платформа е по примерот на овие светски сервиси
- Oсвен од туристичката агенција, патникот добива безрезервна поддршка од нашиот тим пред и за време на неговото патување
Од друга страна, тур-операторите и агенциите добиваат:
- Уште еден (онлајн) канал за продажба на своите туристички аранжмани
- Алатка со која ја зголемуваат ефикасноста во своето интерно работење, како и при комуникација со своите соработници – суб-агенти.
Вие добивте поддршка од Бизнис-акцелераторот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (БАУ), како влијаеше на вашата активност оваа поддршка?
-Точно така. Тоа е последната финансиска поддршка која ја добивме и дојде во вистинско време, кога туристичкиот сектор сѐ уште се опоравуваше од последиците на COVID-19, односно во време кога за прв пат по COVID-19 не очекуваше летна сезона во која нема да се зборува за маски, PCR тестови и други забрани.
Истата беше клучна за брзо ширење и аплицирање на продуктот низ туристичкиот сектор, вклучување повеќе македонски тур-оператори и презентација на решението на српскиот пазар. Изведувањето на овие активности во краток временски период од само 6 месеци не беше можно без интензивни маркетинг активности, проширување на постоечкиот тим, како и надградување на софтверот според потребите увидени кај новите бизнис-корисници.
Добриот тим е клуч за успех. Во земјава сè повеќе претприемачи се соочуваат со недостаток на кадар, како се одвиваше градењето на вашиот тим?
-Низ градењето на продуктот тимот константно се адаптираше според напредокот и според условите на пазарот. Нажалост, поради последиците од COVID19 пандемијата, тимот требаше да се изгради од ново.
За моја среќа, иако бев временски многу ограничен и морав брзо да делувам, во моментот бев опкружен со тим составен од А-играчи, благодарение на нашиот агенциски бизнис кој го имавме започнато за време на короната – ANTWEB. Покрај тоа, веќе имав воспоставено одлични контакти со заедницата.
Па така, клучно за градењето на тимот беше големата визија, можноста на тимот на стекне заслужен удел во бизнисот, како и последната финансиска помош која ја добивме од Бизнис-акцелераторот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (БАУ).
Кои се вашите планови за иднина, како планирате да се развивате?
-Тука би сакал да истакнам дека платформата веќе во првата летна сезона ја потврди својата вредност и патниците започнаа да ги согледуваат бенефитите. Па така, бројот на резервации преку Ајде на Одмор е на високо ниво и со тоа можеме слободно да кажеме дека имаме не само proof of concept, туку и тракција на македонскиот пазар.
Притоа, успеавме да собереме многу значајни информации од српскиот пазар и да направиме преддоговори со српски туристички агенции за користење на Merakzy.
Плановите за развој се прилично амбициозни, но и реални. Истите вклучуваат ширење на софтверската платформа на балканско ниво, како би се понудила можност за олеснета и забрзана прекугранична соработка на тур-операторите и туристичките агенции во регионот, што на крајот ќе резултира со нудење голем избор на аранжмани на крајните корисници, достапни за онлајн букирање во секој момент.
Регионалното ширење на платформата е најголемата вредност што би можеле да ја добијат и патниците, но и самите тур-оператори. Тоа ќе придонесе за градење на сериозен сервис кој ќе претсавува вистинска конкуренција на светските Airbnb и Booking.com кога се во прашање одморите, но и пократките екскурзии… барем во овој дел од светот.
В.К.