Складиштата со гас во Германија веќе се на 84 проценти

50

Германските складишта за гас пополнија повеќе од четири петтини од својот капацитет многу пред средината на летото и веројатно ќе бидат целосно полни многу пред законскиот рок, проценија експертите во средата.
Според податоците на Европската асоцијација на оператори за складирање гас GIE, капацитетот за складирање во Германија во вторникот наутро бил 84,48 отсто.

Лани магацините беа во ваква состојба дури на 2 септември, а годинава најверојатно ќе бидат полни во септември.

„Ако складирањето продолжи со сегашното темпо, зафатеноста од 95 проценти може да се достигне во август и да се заврши следниот месец“, изјави за ДПА Себастијан Блешке, директор на Иницијативата за складирање енергија (INES).

Минатата година, поради гасната криза, германската влада утврди дека капацитетите за складирање гас на 1 септември мора да имаат 75 отсто, на 1 октомври 85 отсто, а на 1 ноември 95 отсто.

Најмало количество гас во магацините годинава имало на 17 март, 63,58 отсто. Една година претходно, на 17 март 2022 година, магацините беа со само 24,56 проценти.

Германија сега увезува гас преку цевководи од Норвешка, Белгија и Холандија, соопшти Федералната мрежна агенција. Покрај тоа, течен гас се зема и од танкери преку новите терминали на брегот на Северното Море.