СКМ: Домашните компании да аплицираат за програмите Косме и Хоризонт 20-20

20

Стопанската комора на Македонија ги советува домашните компании да го сменат пристапот за повлекување на што повеќе средства од фондовите на Европската Унија преку учество на конзорциуми и истражувачки центри.
Со тоа, велат од Комората, компаниите ќе имаат можност да партиципираат со конкретни проекти, но и ќе имаат можност резултатите од проектите, евентуалните истражувања и иновации да ги применат за сопствено развивање и зголемување на својата конкурентност на пазарот.
Европската комисија веќе ги објави двете клучни програми за следните седум години и тоа Косме, вредна 2,3 милијарди евра чија цел е поттикнување на иновативноста, конкурентоста и одржливоста на малите и средни претпријатија, како и развивање на претприемачката култура, и Хоризонт 20-20 со проектирани 80 милијарди евра за поврзување на науката со индустријата, финансирањето на истражувања, технолошки развој и слично.
Бирократските процедури, додаваат од Комората, се значително поедноставени, што им овозможува на претпријатијата да се пријавуваат за учество на конзорциуми и да реализираат одредени свои приоритетни проекти.
“Се претпоставува дека најмалку 3 милијарди евра ќе се алоцираат за малите и средните претпријатија во рамките на овие програми кои ќе бидат дополнително поддржани и со финансиски инструменти како кредитни линии, гарантни фондови… Предизвикот за аплицирање, пред се, ќе се бара во конкретно научно истражување, подобрување на индустриската конкурентност, создавање на подобри производи, примена на ИКТ, енергетика, биотехнологија, создавање на нови материјали…”, рече Јадранка Аризанковска од Стопанската комора.
Проектите на компаниите треба да покажат иновативност. Тоа е, нагласи Аризанковска, клучно. Оттука, мора најпрво добро да размислат во кој правец ќе се развиваат. Проектите на институциите, пак, треба да содржат нови иновативни услуги за поддршка на МСП.
“Македонските компании и институции треба да се борат со европските за добивање на проектите, што значи дека мора да го задоволат одреденото ниво на квалитет”, додаде Аризанковска.
Повиците за ЕУ програмите ќе се објавуваат континуирано, по повеќе во една година. Притоа, постои можност за аплицирање на повеќе проекти. Во дел од програмите објавувањето е веќе почнато.
Од комплетната финансиска конструкција на Косме, 1,4 милијарди евра се предвидени за обезбедување свеж капитал. Останатите средства се за развивање мрежа на претпријатија (добивање навремени информации и интернационализација) и поттикнување на претприемништвото.
Хоризонт 20 – 20 со 24,4 милијарди евра ќе поддржува врвна наука, 29,7 милијарди предвидува за општествени предизвици (интелигентна енергија, еко иновации, одржливо земјоделство,…), а 17 милијарди евра се наменети за индустриско лидерство.
За малите и средните фирми лимитот на бројот вработени е зголемен, од 250 на 500, што овозможува на повиците да конкурираат и поголемите компании.
Аризанковска објасни дека новите програми се практично продолжение на досегашните ФП7 (за интелигентна енергија и екоиновации) и ЦИП (за конкурентност и иновативност).