СКМ: Македонско – полски бизнис клуб за интензивирање на економските врски

22

Со цел унапредување на надворешна трговска соработка помеѓу Македонија и Полска, а во насока на развивање на трговските контакти и извозно – увозните можности, на 23.11.2015 година се одржа прес конференција за новоформираниот Македонско – полски бизнис клуб при Стопанската комора на Македонија.

Директорката на Дирекцијата на регионални комори и меѓународна соработка, Снежана Камиловска Трповска, нагласи дека Стопанската комора на Македонија постојано работи на надградување на соработката на македонските компании со странските пазари со цел освојување на тие пазари и пласирање на македонските производи на истите.

Тргнувајќи од оваа цел, а врз основа и на искажаната иницијатива на членките на Комората се формираше Македонско – полски бизнис клуб којшто ќе има улога на дополнување на официјалните институции кои ги помагаат билатералните стопански односи помеѓу Македонија и Полска.

Ова тело ќе стави акцент на остварување на директни контакти меѓу македонските и полските компании, со цел воспоставување поблиски бизнис релации, кои би придонеле за унапредување на билатералната трговска размена и би довеле до активности за воспоставување на подолгорочни облици на соработка за двете страни.

Трговската размена помеѓу двете држави која во периодот јануари – септември 2015 година изнесува 88,13 милиони долари, што претставува намалување од 3,11% во однос на истиот период од претходната година. Извозот е 20,4 милиони долари и е зголемен за 30,94%, а увозот од 68,08 милиони долари бележи намалување од 10%. Остварен е негативен трговски биланс од 48,04 милиони долари. Во овој период од 2015 година, Република Полска е 22-ри трговски партнер на Република Македонија.

За претседател на Македонско – полскиот бизнис-клуб е избран Горан Антевски, генерален директор на Раде Кончар ТЕП ДООЕЛ – Скопје, кој на прес конференцијата сподели дека според последните анализи направени и од страна на меѓународни консалтинг куќи за истражување со цел согледување на можностите за пробивање на македонските компании на нови пазари, Полска претставува еден од најбрзо растечките  пазари во Централна Европа, во која се наоѓаат 40% од 500-те најголеми компании во Централна Европа.

Полска е дел од Шенген зоната и од единствениот пазар на ЕУ, што значи дека трговијата со Македонија е либерализирана. Се очекува Полска да се приклучи на еврозоната пред 2016 година. Полската индустрија е доста развиена особено во делот на  производство на електронска опрема, автомобили, автобуси, хеликоптери, транспортна опрема, локомотиви, авиони, бродови, воена опрема, медицински апарати, храна, облека и др. Во полскиот увоз доминираат машините и транспортната опрема, како и хемикалиите.