СКМ: Мелниците загрозени од непазарните цени на домашната пченица и нејзиниот неквалитет

41

Од вкупните количини пченица што мелниците во Македонија ги преработуваат, околу 60% е увозна пченица, а 40% домашна откупена пченица, стои на интернет страницата на Стопанска комора на Македонија.

Најголема опасност за мелниците во Македонија, како што се наведува, е нивната неконкурентност  или неможност да конкурираат со цените на брашното од увоз, со што директно се загрозени и земјоделците. Причини за тоа се непазарните цени на домашната пченица, како и нејзиниот квалитет.

Во одредени периоди во годината цената на увозната пченица се доближува многу блиску до цената на увозното брашно што дополнително создава проблеми на мелничката индустрија.

Мелничко-пекарската индустрија ги апострофира преземените мерки за подобрување на состојбата. Првенствено тоа се однесува на условниот увоз на брашно и пченица во сооднос 4/1 и 3/1 и контролни маркички за пуштање на брашно во промет од домашно производство и од увоз, како и  Правилникот за контрола на квалитет на брашното од домашно производство и од увоз.

Но, со условниот увоз резултатот е скапо купена домашна пченица со низок квалитет и неревалоризирана со профит преку брашното. Тоа е последица од неодржување на времетраењето на условниот увоз, со што на нашето скапо и неконкурентно брашно му конкурира евтиното брашно од увоз.

Со воведувањето на контролните маркички не се контролира рокот од 30 дена од датумот на издавање при увоз на брашното, што значи дека воведувањето на контролните маркички како заштита на мелничарите е беспредметно.

Правилникот за квалитет и контрола на брашното пуштено во промет или од увоз не се спроведува, односно увезеното брашно се пушта во промет без да се провери во Акредитирана лабораторија за квалитет.

Претставниците на оваа индустрија предлагаат мерки за заштита на домашното производство. Прва мерка е да се спроведува во целост котролата на пуштање во промет на брашното од увоз преку контролните маркички или забрана за пуштање во промет на увозно брашно, ако е пројден рокот од 30 дена.

Второ, да се спроведува донесениот Правилник за квалитет на брашното при увоз, односно да не се пушта увозно брашно во промет се` додека Агенцијата за храна и ветеринарство не даде дозвола по добивање на анализите за квалитет од акредитирана лабораторија.