Скопје и Подгорица заеднички ќе аплицират за влез во PayPal системот

51

Црна Гора и Македонија заеднички ќе аплицираат за да бидат дел од онлајн системот за плаќање „Пејпал“ (PayPal), беше соопштено на седницата на црногорската Влада.

Министерот за јавна администрација Дукај Мараш рече дека претстои важна посета на Скопје, поради што предложил предлог-платформа за средба со македонскиот министер.

– Ова е многу важна посета, се работи за склучување меморандум на двете министерства на Црна Гора и Македонија со цел дигитализација и безбедност на информациите. Исто така, идеја е Црна Гора заедно со Северна Македонија да аплицираат за „Пејпал“, што беше предложено од самата компанија – рече тој.

Мараш информира дека „Пејпал“ предложи двете земји заедно да аплицираат за да имаат поголеми шанси да станат дел од таа мрежа за онлајн плаќања, пренесуваат црногорските медиуми.

На Црна Гора во моментов ѝ е овозможен пејпал-трансфер на пари само во една насока, односно при плаќање на стоки и услуги преку интернет. Добивањето пари преку оваа платформа сè уште не е можно, што претставува значајна бариера за сите што планираат да работат онлајн.