Скопје на 8 мај ќе биде домаќин на најмасовниот и најпосетениот Виз Ер Скопски Маратон досега

33

c687c428-7c5f-4f85-bc44-eeb4df2b9c18

Најпопуларната и најмасовната спортска манифестација во Македонија, Виз Ер Скопски Маратон, оваа година се одржува на 8 мај по повод Денот на Европа и според најавите, ќе биде најмасовен до сега. Веќе се пријавени повеќе од 4.500 учесници од 38 земји од светот.

„Очекуваме 12-то издание на Скопскиот маратон да биде најмасовно, како и најпосетено до сега. Бројката до денеска e 4.500 пријавени учесници, а има уште еден месец и еден ден до почнување на маратонот. Постојаното зголемување на бројот на учесници се должи на тоа што секоја година се зголемува бројот на љубителите на трчањето во нашата земја, но радува фактот што се зголемува и интересот на странските учесници, бидејќи од година во година работиме на подобрување на квалитетот на маратонот во секој поглед, како организациски, така и содржински и се обидуваме да ги следиме сите трендови во маратонското трчање. И оваа година Скопски маратон е под покровителство на Град Скопје, Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт. Главниот спонзор Виз Ер како и минатата година, така и оваа, на сите пријавени маратонци им доделува вредносен ваучер во износ од 20 евра за некој од нивните летови. Она што ќе се случува пред маратонот е Женска трка која ќе се одржи во недела, во 10:00 часот во Градски парк во Скопје кај Школка. Станува збор за трка која од година во година се здобива со голема популарност, а и бројот на жените кои учествуваат е сè поголем. За во недела се очекува учество да земат околу 1.000 жени. Оваа година трката ќе биде на 2 км и ќе има натпреварувачки карактер, каде на најдобрите во неколку возрасни категории ќе им доделиме и медали и дипломи, а ќе се организира и лотарија за сите учеснички“, изјави Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски Маратон.

На прес-конференција што вчера се одржа во ЕУ инфо центар, свое излагање пред медиумите имаше и Аиво Орав, амбасадорот на ЕУ во Р. Македонија, како и претставниците од Град Скопје и Агенција за Млади и спорт, кои заедничко го поддржаа маратонот и најавија настан кој се смета за еден од најголемите во регионот.

Скопскиот Маратон се одржувa по повод 9-ти мај, Денот на Европа, уште од неговото прво одржување во 2007 година. Маратонот, поддржан од Делегацијата на Европската Унија од самиот почеток, е еден од централните настани во програмата за  одбележување на роденденот на Европската Унија.

По овој повод, Амбасадорот Орав изјави: “Ги поддржуваме спортските настани бидејќи спортот го пренесува концептот на мир, толеранција, меѓусебно разбирање и образование – вредности кои се во срцето на европската идеја.”

Последниот рок за пријавување е 29 април (или додека не се пополнат предвидените места).

Како и што беше ветено, пријавените учесници во маратон, полумаратон и штафетниот маратон од 2015-та ќе добијат бесплатно учество на трките во 2016-та година. Начинот како може да се искористи тоа право ќе можат да го најдат на официјалната веб страница на маратонот www.skopskimaraton.com.mk.

Стандардните трки – маратон (42.195 км), полумаратон (21.097 км) и трката на 5 километри остануваат и оваа година главно обележје на маратонот, а организаторите најавуваат и штафетен маратон, со што остануваат 4 трки на програмата како и што беше планирано и за минатиот маратон.