
Додека Скопје се соочува со 70-80 илјади празни станови и урбанистички хаос, влезот на крупен странски капитал се заканува дополнително да ги вивне цените на недвижностите и да го направи сопствениот дом луксуз недостапен за обичниот Македонец.
Информацијата дека дански инвестициски фонд веќе купил 250 станови во изградба во Скопје, со план таа бројка да се дуплира до крајот на годината, ги вклучи алармите кај градежните експерти и кај домашните купувачи.
Бизнисот пред хуманото живеење
Во Скопје секоја преостаната зелена површина, секој слободен метар квадратен се претвора во градилиште, оставајќи ги граѓаните без јавен простор, рекреација и соодветни паркинзи. Но, она што најмногу загрижува е фактот дека оваа масовна изградба одамна престана да биде одговор на реална станбена потреба и стана исклучиво суров бизнис.
Градежниот експерт Никола Велковски вели дека хуманото живеење скоро и го нема.
“Веројатно за нас скопјани не е добро што тоа се случува затоа што масовно се гради – хуманото живеење скоро и го нема, секоја предвидена локација се гради, а не оставивме слободни јавни простори за паркови, рекреација, паркинзи. Тука јас секогаш правам проблем со урбанизмот и урбанистите, бидејќи премногу дадовме поента на станбената изградба, а тоа е веќе само за бизнис и не е потреба. Голем дел од нашите инвеститори исклучиво го прават за бизнис. Тој веројатно дански фонд гледа бизнис и чувствува дека може да се издаваат станови, повеќе на еден или два дена затоа што има интерес, доаѓаат туристи и мислам дека можеби гледаат подолгорочно и веројатно имаат повеќе информации – ова што се најавува кај нас дека треба да дојдат економски работници (мигранти) и можеби таа категорија на луѓе ќе бидат корисници на закуп“, вели Велковски.
Скопје моментално има околу 70-80 илјади празни станови, a влезот на крупен капитал кој одеднаш би купил цела зграда, само ќе им даде „ветар во грб“ на градежниците дополнително да ги кренат цените.
За жал, интересот на македонските граѓани за купување според Велковски ќе биде намален.
„Пред да слушнам за данскиот фонд, некаде не се продаваа така наеднаш сите станови и остануваше по некој стан. Тоа не влијае да се намалат цените, но, одеше поспоро продажбата. Ова малку ќе ја забрза продажбата. Веројатно ќе направи и цената да се зголеми“, предупреди Велковски.
Иако се градат згради и на периферијата според него Илинден, Волково и Петровец ќе останат надвор од радарот на данскиот фонд.
Инаку, холдингот „Вексткапитал“ е регистрирана во Луксембург и поседува неколку компании во Данска. Со години работи во Бугарија, преку компанијата „СЕЕ Резиденшл“. Според нејзината веб-страница, таа веќе поседува 262 стана на атрактивни локации во Софија, а целта ѝ е да стане најголемиот издавач на станови во главниот град на Бугарија. Според бугарското издание на „Форбс“, компанијата таму планира многу побавно да стигне до 1.000 станови – до 2030 година.
Со влезот на големите странски фондови, македонскиот пазар на недвижности влегува во нова, неизвесна фаза. Додека данските инвеститори ја пресметуваат својата идна добивка од кирии и препродажба, скопјани остануваат да чекаат одговор на прашањето: Дали Скопје ќе стане град на празни згради и прескапи квадрати, каде профитот е поважен од правото на достоинствен живот?
В.Ѓ.











