Нашиот главен град од европската престолнина е оддалечен околу 21 час возење со автомобил или околу 2.150 километри. Во текстот подолу ќе анализираме колку се ценовно “оддалечени“ Скопје и Брисел.
Седнувате во локално кафуле во Скопје и порачувате шолја капучино и плаќате 1,36 евра. Ако се најдете во слично такво кафуле во Брисел и порачате, исто така, шолја капучино ќе треба да платите 3,10 евра или 127% поскапо. Со кафето ако сакате и шише вода од 0,33 литри, во Скопје ќе ви биде наплатено 0,78 евра, а во Брисел 181% повеќе или 2,18 евра.
Голема разлика меѓу цените на продуктите во супермаркетите. Па така, килограм јаболка кај нас во просек чинат 0,74 евра, а во белгиската престолнина 187% повеќе или 2,13 евра. За еден килограм домати, во маркет во Скопје ќе платите 0,88 евра, а во Брисел 2,08 евра или 138% поскапо. Марула за салата во супермаркет кај нас чини 0,33 евра, а во Брисел 309% поскапо или 1,33 евра.
Кога ги анализираме транспортните услуги во двата града, билет за еден правец во Скопје има цена од 0,57 евра, а во Брисел 268% повеќе или 2,10 евра. Еден километар со такси во Скопје чини 0,41 евра, а во Брисел 391% повеќе или околу две евра.
Кај месечните сметки за струја, вода, греење, ладење… има разлика од околу 12%. Кај нас тие месечни трошоци се околу 107 евра, а во Брисел околу 121 евро.
За родителите кои го праќаат своето дете во приватно основно училиште во Скопје, треба годишно да одвојат 3.166 евра, додека во Брисел е 461% повеќе или 17.786 евра.
Изнајмување на стан со една спална во центарот на Скопје е околу 229 евра, а во Брисел 261% поскапо или околу 829 евра во просек. Еден метар квадратен во центарот на Скопје е 1.229 евра, а во Брисел 3.173 евра или 158% повеќе.
Разлика од 474% има кај просечната месечна нето плата, којашто во Скопје е околу 391 евро, а во белгискиот главен град 2.249 евра.
Фото: Pixabay