Солун е еден од градовите што за голем број Македонци е редовна шопинг и туристичка дестинација во соседна Грција. Од Скопје е оддалечен околу 238 километри или помалку од три часа возење. Со помош на податоците од Numbeo ќе направиме споредба меѓу цени во Скопје и Солун.
Доколку сте во Солун и сакате да седнете во ресторан и да имате комплетен оброк, за тоа ќе треба да платите околу 35 евра за две лица. За слично такво излегување во нашата престолнина ќе ви бидат потребни околу 17 евра или 104% поевтино. Една шолја капучино во кафуле во Солун чини околу 3,12 евра, додека кај нас просечната цена му е 1,35 евра или 131% помалку.
Векна леб од половина килограм во маркет во Скопје во просек чини 0,48 евра, додека во маркетите во Солун е за скоро 87% поскапо или 0,89 евра. Голема разлика во цени има и кај 12 јајца со регуларна големина. Во Скопје тие имаат просечна цена од 1,38 евра, а во Солун над 120% поскапо или нешто над три евра.
Такси превозот во Скопје, односно старт во нормална тарифа чини 0,65 евра, додека во Солун за таа услуга ќе треба да одвоите 391% повеќе или 3,20 евра. Еден литар бензин кај нас има просечна цена од околу едно евро, додека во Солун тој се продава по околу 1,50 евра.
Кога ги анализираме телекомуникациските услуги, една минута во припејд локално во Скопје чини 0,10 евра, додека во Солун е 333% повеќе или 0,42 евра.
Летен фустан во бутици како што се Zara и H&M, во Скопје чини 28 евра, додека во Солун е над 8% поевтин или околу 26 евра.
Изнајмување стан со една спална во центарот на Скопје чини околу 229 евра, додека во Солун за сличен таков недвижен имот киријата е околу 335 евра. Исто така, повисоки цени има и еден метар квадратен стан во центарот на градот. Па така, во Скопје просечната цен е околу 1.227 евра, додека во Солун е околу 37% повеќе или 1.685 евра.
Голема разлика, односно околу 70% има кај просечната месечна нето плата. Во Скопје таа е 389 евра, а во Солун 665 евра.
Фото: Pixabay