Од Скопје до Загреб има возење од околу осум часа и со автомобил се поминуваат 820 километри. Со помош на податоците на Numbeo ќе направиме споредба колкава е “дистанцата“ во цени меѓу овие два главни града.
Комплетен ручек за две лица во ресторан во Скопје чини околу 16,26 евра, додека во Загреб е 106% поскапо или за истата услуга треба да се одвојат околу 33 евра. Ако во истиот ресторан во Скопје порачате вода од 0,33 литри ќе платите 0,79 евра, а во Загреб ќе ви наплатат 66% поскапо или 1,31 евра.
Доколку сте во некој супермаркет во нашиот главен град и сакате да купите векна леб од половина килограм, за тоа ќе платите 0,47 евра во просек. Во Загреб цената на таков леб е 85% повеќе или 0,87 евра. Вода од 1,5 литри во маркет кај нас е околу 0,43 евра, а во хрватската престолнина 116% поскапо, односно 0,94 евра.
Кога станува збор за транспортни услуги, билет во еден правец со јавен превоз кај нас е 0,57 евра, а во Загреб 5,6% поевтино или 0,54 евра. Еден изминат километар со такси кај нас се наплаќа 0,41 евра, а во Загреб за таа услуга потребни се 98% повеќе пари или 0,81 евро.
Месечните трошоци за струја, вода, греење… кај нас во просек се околу 107,94 евра, додека во Загреб на ниво од 175 евра или 62,25% повеќе.
Родители на детенце кое оди во приватна градинка во Скопје за еден месец плаќаат околу 177 евра, а во Загреб за таа услуга месечно е 15% поевтина или околу 150 евра.
Изнајмување на стан со една спална соба во центарот на Скопје се движи околу 229 евра, а во Загреб 102% поскапо или 465 евра во просек. Доколку некој сака да купи стан во центарот на градот, кај нас за тоа ќе треба да одвои околу 1.227 евра за метар квадратен, а во Загреб 114% повеќе или 2.632 евра.
Просечната месечна исплатена нето плата во Скопје е околу 391 евро, а во Хрватска 128% повеќе или 893 евра.
Фото: Pixabay