Скопскиот аеродром со награда за квалитет на аеродромски услуги од ACI

18

Рангиран како еден од најдобрите аеродроми во Европа, според искуството на патниците, од страна на организацијата Меѓународен совет на аеродроми (Airports Council International–ACI), Меѓународниот аеродром Скопје ја доби наградата за квалитет на аеродромските услуги (Airport Service Quality Award–ASQ) за 2018 година, стои во соопштението.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој, ја прими наградата од страна на Анџела Гитенс, генерален директор на ACI World, во рамки на Глобалниот самит што се одржа на Бали, Индонезија, од втори до петти септември.

“Со особена чест и задоволство, во име на ТАВ Македонија, претставувајќи го Меѓународниот аеродром Скопје и сите наши вработени, со гордост објавувам дека ја примив престижната награда за квалитет на аеродромски услуги за 2018 година за Меѓународниот аеродром Скопје, од страна на Меѓународниот совет на аеродроми. Во друштво на најдобрите аеродроми во Европа, според искуството на патниците, би сакал да истакнам дека оваа награда значи дека скопскиот аеродром е еден од најдобрите аеродроми во Европа во однос на патничкото искуство за 2018 година, во категоријата на аеродроми со помалку од два милиони патници на годишно ниво. Ова е четврти пат како Меѓународниот аеродром Скопје се закитува со наградата ASQ, откако претходно ја доби за 2012, 2013 и за 2015 година. Бидејќи во 2018 година ја надминавме бројката од два милиони патници, следната година скопскиот аеродром ќе се натпреварува во друга категорија – аеродроми со два до пет милиони патници на годишно ниво. Оттука, ТАВ Македонија ќе продолжи да работи на подобрување на целокупните аеродромски услуги, со цел да обезбеди највисок квалитет за нашите клиенти, заедно со нашите сестрински компании БТА, АТУ, ТАВ МОС, ТАВ Технолоџис и Еуроклин, како и нашите засегнати страни – Полиција и Царина, како државни органи присутни на аеродромот“, изјави Ерсој.

Програмата за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) на ACI ги препознава аеродромите низ светот што обезбедуваат најдобро искуство за клиентите преку мислењето на патниците. Програмата за квалитет на аеродромски услуги (ASQ) е водечка програма на глобално ниво за аеродромски услуги за патници и референтна точка, што го мери задоволството на патниците низ 37 клучни индикатори за успешност. Се спроведува од страна на сертифицирани агенти за спроведување анкети со патници додека тие се на аеродромот, преку стандардизирани Прашалници за квалитет на аеродромските услуги на ACI.

Меѓународниот аеродром Скопје ја доби ASQ наградата за 2018 година од ACI, во панел од 23 аеродроми во европскиот регион, во категоријата “аеродроми под два милиони патници“.

ACI ја анализира ефикасноста и квалитетот во работењето на аеродромите на глобално ниво и ги дели на пет региони во светот: Европа, Африка, Северна Америка, Латинска Америка – Кариби и Азиско – пацифички регион. Потоа, во овие региони, организацијата ги класифицира аеродромите согласно нивната големина: Под два милиони патници, меѓу два и пет милиони патници, меѓу пет и 15 милиони патници, меѓу 15 и 25 милиони патници, меѓу 25 и 40 милиони патници и над 40 милиони патници.

Церемонијата во рамки на Глобалниот самит за искуство на клиентите во Бали беше проследена со свечено доделување на наградите за квалитет на аеродромските услуги, коишто беа објавени во март 2019 година во седиштето на ACI, во Монтреал, Канада.

ТАВ Македонија продолжува да бележи раст во бројот на патници. Осумте месеци од 2019 година ги заврши со вкупно 1,8 милиони патници (1.774.482), што претставува 12,1% годишен пораст, како и 14.744 летови (9,9% годишен пораст) на двата македонски аеродрома – Меѓународeн аеродром Скопје и Аеродром Св. Апостол Павле Охрид.