Скопските улици ќе се чистат со 10 нови машини за метење

165

Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена денеска ставија во употреба 10 нови машини за метење на јавните и на сообраќајните површини. Новите машини кои ги набави ЈП Комунална хигиена ќе бидат распоредени во сите скопски општини.

“Денеска ги промовираме првите 10 од вкупно 47 комунални возила кои што ќе бидат набавени оваа година. Станува збор за 10 метлачки за одржување на хигиената на јавните површини – сообраќајници, велосипедски патеки и тротоари. Знаете дека во 2019 година почнавме со нов концепт за третман на комуналниот отпад, тогаш беше набавена сериозна механизација, ова денеска е втора фаза, а во третата фаза пролетва ќе пристигнат останатите 37 возила. Со тоа, ги подобруваме перформансите на јавното претпријатие Комунална хигиена и го намалуваме материјалниот трошок за неговото работење“, изјави скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

На денешната промоција на новите метлачки присуствуваше и директорот на ЈП Комунална хигиена, Абдусамед Шабани кој рече дека врвен приоритет на јавното претпријатие е да се заштити јавното здравје преку одржување на јавната хигиена во градот, на највисокото можно ниво.

“Овие 10 машини се дел од планираното големо обновување на возниот парк на нашето претпријатие. Ни претстои набавка на уште 37 нови специјални комунални возила – автоцистерни, самоподигнувачи, кипери и возила за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што очекуваме во голема мера да придонесат за поефикасно и поквалитетно извршување на активностите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, најави Шабани.