Слатката на Јоми фyд од Велес ќе добијат нов автентичен изглед и бренд идентитет

69

slatko 1

Седум видови на слатко од асортиманот на компанијата Јоми фуд од Велес ќе добијат нов автентичен дизајн и бренд идентитет.

Управниот одбор на Движењето за поддршка за креативноста – Иво Лауренчиќ – Браво сине и Skopje Design Week ја избраа компанијата Јоми фуд откако беа разгледани сите пристигнати пријави од компаниите производители на слатка. Компаниите што влегоа во потесен круг беа посетени од претставници на Движењето за поддршка за креативноста –Иво Лауренчиќ – Браво сине и Skopje Design Week, по што следеше финалната одлука. Пресудно за изборот на компанијата беше асортиманот на слатко од различни овошја, присуство во малопродажната мрежа во Македонија и користење на домашна суровина за производство.

Во својот асортиман Јоми фуд има седум видови на слатко и тоа од вишна, малина, зелена смоква, јагода, портокал, дива капина и аронија, а слатката се произведуваат по традиционална рецептура без користење на додатоци.

Со денешното потпишување на договор за соработка меѓу Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ – Браво сине, Skopje Design Week и Јоми фуд, се предвидува компанијата да го промени целокупното брендирање и изглед на производите во рок од една година.

„Особено сме задоволни од интересот на компаниите за подобрување на дизајнот и брендирањето на производите. Свесни дека имаме квалитетни национални производи, ние се залагаме за подобрување на нивниот естетски изглед во насока на што поконкурентни производи и на домашниот и на странските пазари. Спојот на дизајнот и производот секогаш даваат добри резултати, ги поттикнуваат креативците, ги мотивираат компаниите, а потрошувачите се задоволни“, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка за креативноста – Иво Лауренчиќ – Браво сине.

slatko 2

„Јоми фуд веќе осум години постои на пазарот и нашето искуство покажува дека за понатамошен развој и за градење на силен национален бренд неопходно е создавање на нов идентитет на нашите производи што ќе раскаже една автентична и препознатлива приказна. Помошта во тој дел од професионални дизајнери со свежи идеи ќе биде од огромно значење за нас, бидејќи ваква шанса не се добива често“, изјави Зоран Аврамов сопственик на компанијата.

По изборот на компанија ќе следи распишување за конкурс на дизајнери и креативци кои ќе добијат конкретни насоки за карактеристиките на производите на компанијата Јоми фуд. Конкурсот ќе биде распишан деновиве, а ќе трае до 1 септември годинава. Победничкото решение ќе биде објавено во рамките на годинешното издание на Skopje Design Week, а ќе биде наградено со парична награда во износ од 200.000 денари, која ја обезбедува Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ – Браво сине.

“Главна цел на Skopje Design Week е поврзување на креативните идеи со реалниот сектор и создавање на дизајнерски производи кои ќе имаат нова додадена вредност. Токму затоа и овој проект е од огромно значење бидејќи од него ќе произлезе нова успешна приказна на пазарот. Веќе се покажа дека спојот на дизајнери со компании дава врвни резултати“, изјави Марта Наумовска Грнарова претставник на Skopje Design Week.