Следната година поголема потрошувачка на енергенсите

37

Финалната потрошувачка на енергија во Македонија во 2014 година ќе изнесува 76.565 тераџули или за 2,3% повеќе во однос на 2013, додека примарната потрошувачка на енергија ќе биде 118.945 тераџули, односно за 2,6% повеќе во однос на годинава. Ова се предвидува со Предлог-енергетскиот биланс за периодот од 2014 до 2018 година што денеска беше претставен пред членовите на Македонската енергетска асоцијација (МЕА).
За 2014 година се предвидува пораст на потрошувачката на сите видови енергија и енергенти при што најголем пораст се очекува кај природниот гас за 38,8% и геотермалната енергија за 17,5%, а за останатите видови порастот е помал од 5%.
“Од вкупните потреби за енергија во 2014 година, 57,5% ќе се обезбедат од домашни извори, а 42,5% од увоз. Се очекува да има континуирано и безбедно снабдување на потрошувачите со сите видови енергија”, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини.
Планираните потреби на електрична енергија во 2014 година изнесуваат 8.646 гигават часови, што е за 4,8% повеќе во однос на 2013 година.
“Производството на електрична енергија се очекува да биде на ниво 6.980 гигават-часови, што е пак за 17,3% поголемо во однос на оствареното во тековнава година. Зголемувањето пред се е поради најавеното зголемено производство на АД ТЕ-ТО Скопје, како и на други производители на електрична енергија кои имаат статус на повластени производители”, прецизира министерот Сарачини.
Тој посочи дека термоцентралите на лигнит треба да произведат 4.578 гигават-часови или 65% од вкупното производство на електрична енергија во државата, а дури 80% од потрошувачката на електрична енергија треба да се обезбеди од домашното производство.
Енергетскиот биланс предвидува до 2018 година просечното годишно производство на електрична енергија да расте со 4,9%, пред се заради очекуваното производство на малите хидроелектрични централи со планирано производство од 260 гиват-часови, како и планираното производство од 100 гигават-часови на ветерниот парк Богданци.
Увозот на електрична енергија во 2014 година се планира да изнесува 1.666 гигават-часови и да биде за 27,5% помал во однос на 2013 година.

Загубите на електрична енергија се планира да изнесуваат 1.284 гигават-часови и да бидат поголеми во однос на загубите во 2013 година за 9%.

Во 2014 година се планира потрошувачката на природен гас да изнесува 328 милиони нормални метри кубни, што е за 75% повеќе во однос на 2013.

Потрошувачката на нафта и нафтени деривати во 2014 година се очекува да биде на нивото на 2012 година или за 2,6% повеќе во однос на тековнава година, додека потрошувачката на биогорива се очекува значително да порасне во однос на годинава и да расте во секоја од наредните четири години.
Планираните потреби за јаглен и лигнит од 2014 година се на ниво од 7,3 милиони тони и се за 7,7% поголеми во однос на реализацијата на 2013 година.