Следува реализација на капитални инвестиции

36

Во гостувањево емисијата Отворено студио на Националната телевизија, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, најави дека наскоро започнува реализација на четвртиот пакет мерки кои имаат за цел побрзо надминување на последиците од корона кризата врз економијата.

“Се видовме со коморите, со организации на работодавачи, со синдикати, правиме средби и со универзитетски професори, со луѓе од праксата. Следниот пакет ќе биде директна помош кон економијата и кон граѓаните. Тука ги опфаќаме најсиромашните, за да ја зголемиме потрошувачката моќ на граѓаните, но и на компаниите за да даваат плати. Ќе има стимулативни мерки и за враќање на отпуштени работници во време на кризата затоа што сакаме тие што се отпуштени да се вратат на работа, особено кога има недостиг на квалификувана работна сила. Она што е јасно, е дека платежни картички ќе добијат, пензионерите со пензии под 15.000 денари, голем дел од пасивните баратели на работа, самохраните родители, а се прават проценки со стручните служби, стечајните работници кои денес добиваат надоместок од 8.000 денари, да добијат уште еден вид на помош“, рече премиерот Заев, додавајќи дека ќе продолжи и помошта за платите во најпогодените сектори.

Тој посочи дека освен помошта за граѓаните и стопанството, важно е државата да го искористи периодот за засилено финансирање на капитални инвестиции кои носат придобивки и за економијата и за државата.

“Сега е моментот кога треба да почнеме уште повеќе и уште позасилено да вложуваме во реализација на капиталните инвестиции. Активно работиме на тоа, се реализира процесот на гасификација, се заокружува примарниот прстен на гасоводна мрежа во државата и наскоро ќе бараме концесионер кој ќе доставува гас до домаќинствата и фабриките. Во следниот период започнува и проектот Чебрен, во вредност меѓу 600 и 800 милиони евра. Треба да започне и реализацијата на Клиничкиот центар во Скопје во вредност од над 500 милиони евра. Тоа се проекти каде ќе бидат ангажирани наши домашни компании, наши работници. Немам проблем како претседател на Влада ако Владата и Парламентот ме поддржат да  повлечеме кредити сега во време на ковид криза за важни капитални проекти како Клинички центар, патишта и детски градинки. Денеска со менаџментот на ТАВ заокруживме 49,7 милиони што треба да одат на аеродромот Штип, да се искористат за финансирање на проекти за канализации. водоводи, детски градинки, школи, спортски сали и две општински згради, Оттаму, 14,7 милиони евра ќе се искористат за реконструкција на двата аеродроми комплетно веројатно, а останатите 35 милиони за инфраструктурни проекти во општините“, рече Заев.