Slighter – паметна запалка што помага за одвикнување од пушењето

34

Старт – ап од Либан направи запалка што работи на систем за одвикнување од пушењето. Slighter во себе има вградено сензори и вештачка интелигенција со чијашто помош на корисникот му одредува кога смее да запали цигара, постепено “тренирајќи“ го да престане со штетната навика.

На почетокот запалката детектира колку често пушачот посегнува по цигара. Апликација за мобилен телефон ги собира овие податоци преку Bluetooth и креира индивидуален план за корисникот помалку да пуши и со текот на времето да се откаже од цигарите.

На екранот на Slighter се одбројува времето кога може да се запали следна цигара, пишува CNN.  За тоа време запалката не работи, но има копче доколку корисникот сака да “мами“. Според основачот, Самер Ел Гериб, доколку го нема ова копче пушачите едноставно би зеле друга запалка.

Тој вели дека системот се заснова на бихевиоризмот како наука, односно секој може да се научи на одредени навики доколку се придржува на специјално дизајнирана програма, чекор по чекор.

Запалката доаѓа во црна боја и чини 129 долари.

Фото: Slighter