Сливата, тиквата, јапонското јаболко и фефероните да се вратат на земјоделските површини

42

Трговците во земјава бараат сливата, тиквата, јапонското јаболко и фефероните да се вратат на земјоделските површини, пишува Миа.

Тие велат дека на пазарот има недостиг од одредени земјоделски култури, пред сè поради негативното влијание на климатските промени, но и поради ориентирањето на земјоделците кон само една култура.

“Наша препорака е да се вметнат четири до пет нови производи за да се растоварат досегашните количини пролетна зелка, зимска зелка, зелка на отворено, куртовска капија, да се одгледува повеќе слива чачанка, јапонска јаболка шарон. Имаме договорно производство и за извоз на поголеми количини тиква во 2016 година, фефероните скоро и да изумираат, во 2015-та многу малку се произведува“, вели Ацо Стоилков, откупувач на земјоделски производи.

Стоилков смета дека договорното производство и напорите за стимулирање на младите да се вратат на нивите ќе помогне за развој на земјоделството. Дополнително, според него, потребни се поголем број откупни пунктови во Струмичко, за производство, пакување и пласман на земјоделските производи според европски стандарди.

Експертите се децидни, почвата во струмичкото поле е одлична за овие, според нив, атрактивни култури.

“Уште од сега има голем интерес на германскиот пазар за пласман на сушена слива, бидејќи влакната од овој плод имаат големо антиканцерогено дејство. Во струмичкиот регион постојат одлични педолошки услови за сливата чачанка и стенлеј. Јапонското јаболко, освен во Валандовско каде што дава од 2.000 – 3.000 тони годишно, доживува експанзија и во Струмичко“, објаснува д-р Ристо Вучков, земјоделски експерт.

Советуваат, производството да не биде стихијно, туку организирано, со професионален надзор и совети за да се достигне добар квалитет, а со тоа и подобра цена.

Според откупувачите, минатата година куртовата капија, сливата и праската поминале одлично, додека производителите на домати имаа една од полошите години, предизвикана од климатските промени и конкуренцијата на странските пазари.