Словенечкиот ТАВ, производител на батерии за стартување автомобили и индустриски батерии со седиште во Межица, основа заедничка компанија TAB-Haidi со кинески партнер за започнување на производството на литиум-јонски ќелии во Преваље.
TAB-Haidi ќе вработи околу 300 лица во првата фаза, а почетокот на производството се очекува на пролет 2022 година, изјави извршниот директор на TAB, Богомир Ауприх, пренесува агенцијата СТА.
Ауприх веќе ја најави можноста за проширување на производството во Преваље или Македонија, каде ТАВ произведува оловно-киселински батерии, додавајќи дека Италија или Шпанија се исто така опција.
“Се качуваме во возот на зелената транзиција со производство на литиум-јонски ќелии, диверзифицирајќи го нашиот бизнис од олово кон оваа нова, модерна област“, изјави Ауприх.
Тој додаде дека ова ќе биде прва фабрика за производство на литиум-јонски ќелии во Словенија. Планирана е помала фабрика, додека околу 40 слични поголеми постројки се градат низ цела Европа.
TAB-Haidi е основана со кинеската компанија Haidi Energy Technology, која работи од 2011 година и има околу 800 вработени во четири производствени погони. ТАB има 74% од акциите во заедничкото вложување. Кинескиот партнер ќе обезбеди технологија, знаење и развој, додека ТАВ ќе финансира производствени капацитети и опрема, ќе обезбеди обртни средства и воспоставување деловни активности на новата компанија.
Фото: Pixabay