Словенечки ТАБ купи 85% од Весна САП – ќе произведува акумулатори во Македонија

95

Словенечката фабрика за акумулаторски батерии (ТАБ) Межица купи удел од 85% во македонската компанија Весна САП и сака да го прошири производството и во земјава.Со купувањето на мнозинскиот удел во Весна САП компанијата ќе добие можност за понатамошен развој и проширување, изјави директорот и косопственикот на ТАБ, Богомир Аурпих за љубљанскиот деловен дневник Финанце.

Во Македонија ќе биде преселено дел од производството, а во Словенија ќе се задржи производството кое има поголема додадена вредност. Поголеми зафати во однос на вработувањето засега не се предвидени. ТАБ вработува 600 лица и оваа зделка е дел од четиригодишниот инвестициски циклус, кој завршува годинава, а кој е вреден 40 милиони евра.

За купувањето на македонското претпријатие се одлучиле поради „макро и микро причини“. Меѓу првите спаѓа непријателски настроената деловна клима во Словенија, каде што политиката, по негова оценка, е „непродуктивна, неспособна и неодговорна“. Микро причините се од локална природа. Како наследник на рудникот во Межице, кој имал лоши гледишта во однос на екологијата, ТАБ, по зборовите на Ауприх, е постојано под микроскоп од страна на локалната средина и пошироко. Компанијата не бега од одговорноста, но и пречи тоа што локалната заедница не ги признава нејзините инвестициски напори, истакнува Ауприх.

Команијата лани оствари приходи од 136 милиони евра за разлика од ланските 117 милиони евра, а добивката изнесуваше околу 7,7 милиони евра. ТАБ лани продаде 1,9 милиони акумулатори што претставува 3% од европскиот пазар, а кај индустриските батерии бројката на продадени изнесува 920.000 што претставува 10% од европскиот пазар.