Словенечка паметна куќа за птици собра 4,19 милиони евра на Kickstarter

212

Словенечката паметна куќичка за птици Bird Buddy, успешно ја заврши својата кампања на глобалната платформа за онлајн финансирање Kickstarter.

Bird Buddy е досега најуспешниот словенечки проект на платформата Kickstarter во однос на износот на собраните средства. Тие убедија 22.924 приврзаници, со чија помош собраа 4,19 милиони евра.

Најуспешната словенечка кампања на платформата пред тоа беше електричниот велосипед Flykly, за кој неговите автори собраа околу 700.000 долари (570.000 евра), пренесува Delo.si.

На почетокот на кампањата, тимот на Bird Buddy постави цел од 50.000 евра и со 4,2 милиони евра тие се рангираа на 35-то место во историјата на Kickstarter според износот на собраните средства.

Основниот сет на паметната куќа за птици Bird Buddy вклучува модерно дизајнирана куќа за птици со контејнер за храна за птици и модул што се одвојува, кој вклучува вградена мала видео камера со микрофон и сензор за движење.

Сензорот го открива доаѓањето на птицата и го известува сопственикот на куќата за птици преку безжична врска и мобилна апликација. Тогаш корисникот може да ја користи апликацијата за да ја фотографира птицата додека е во куќичката.

Користејќи технологии за вештачка интелигенција, апликацијата препознава и видови птици, му овозможува на корисникот да уредува и споделува фотографии од птици, а исто така нуди совети за соодветна храна за одредени видови птици.

Фото: Kickstarter