Словенечката централна банка има подготвено проект на можна докапитализација на трите најголеми словенечки банки кој би се одвивал паралелено со програмата за помош и реструктуирање на 30 претпријатија со 30.000 вработени, пишува Дело, пренесува Бизнис.хр.
Станува збор за компании кои имаат перспектива, но не можат да се задолжуваат затоа што се презадолжени и нивните вкупни долгови изнесуваат околу три милијарди евра, изјавил за Дело заменик гувернерот на словенечката централна банка, Јанез Фабијан.
Реструктуирањето на претпријатијата и банките со нивната докапитализација би се воделе поврзано. За презадолжените претпријатија кои имаат перспектива на пазарот би се извело реструктуирање со докапитализација, а би било можно привремено влегување на државата во нивната сопственичка структура во замена за добиените средства. За реализација на оваа програма, со која лошите кредити во трите најголеми банки во државна сопственост би се намалиле за третина, а големите претпријатија би станале поконкурентни, затоа што повторно ќе им бидат достапни кредитни средства по нормални услови, би било потребно Словенија да се задолжи на финансискиот пазар и тоа што побргу, вели Фабијан.
Словенечката централна банка за ова разговарала со претставници на ММФ, а проектот ќе и го претстави и на владата.