Словенечката полиција започна обемна истрага за штетата од 25 милиони евра што му е нанесена на Телеком Словенија во периодот кога компанијата била водена од Управата на чело со Бојан Дремељ. Се вршат претреси по куќи, а притворени се седум лица, пишува словенечко Дело.
Полицијата потврдила дека бараат материјални докази за казнени дела од подрачјето на стопански криминал, за кои е предвидена казна до осум години затвор. Во истрагата се вклучени стотина полицајци и криминалисти на подрачјето на Љубљана, Крањ и Цеље.
“Станува збор за кривично дело злоупотреба на службената положба”, објаснуваат од полицијата и додаваат дека нанесената штета е во висина од најмалку 25 милиони евра.
Под истрага се коруптивни постапки на поранешното раководство, врзани за деловни инвестиции на Телекомот во Словенија, но и во странство.