Словенечки Томос отиде во ликвидација

46

Словенечката Томос индустрија од Копер, компанија позната по изработка на мотори, отиде во ликвидација. Околу 60 вработени ќе бидат прераспределени на други позиции во рамките на фирмата Хидриа, во која беше вклучен Томос.

Веста за ликвидацијата ги изненади вработените кои тврдат дека имале нарачки за следните две години, но информацијата ја потврди директорот Марјан Кандуч, кој истакна дека брендот Томос ќе биде зачуван и понатаму ќе се развива.

„Бевме последен таков произведувач во Европа, но поради конкуренцијата и трошоците ќе мораме да го преселиме производството надвор од Словенија“, изјави Кандуч, додавајќи дека се укинува само производството, додека одделот за развој и понатаму ќе работи.
Синдикатот ја поздрави одлуката да нема отпуштања, но тврди дека за прекин на производството во Словенија нема причина, бидејќи има доволно нарачки за мотори, скутери и велосипеди во Европа и Америка, па таквото производство има перспектива.

Компанијата Томос (Tovarna Motornih koles Sežana) е регистрирана во 1954 година во Сежана, а неколку месеци подоцна фабриката е изградена во Копер. Во 70-те и 80-те години особено беа популарни неговите модели Колибри.