Словенечките брендови Кекец паштета, Краљица мортадела Горица, Помурка и МИП имаат нови сопственици. Стечајниот управник на компанијата Мип ДМЛ, сопственик на овие брендови, за нив бараше вкупно 232.250 евра, а на аукцијата најскапо беше продаден брендот Кекец паштета, за 220.000 евра. Кекец останува во словенечки раце, кај компанијата Осем од Мурска Собота, јавува РТВ Словенија.
Почетната цена за Кекец била 100.000 евра, а во трката за овој бренд биле Осем и Дрога Колинска.
Брендот МИП е продаден за 5.400 евра на Цељске меснине. Почетната цена му била 2.000 евра. Цељске месарне го купи и брендот Краљица мортадела Горица, за 6.500 евра, чија почетна цена исто така била 2.000 евра. Помурка се нудеше по почетна цена од 50 евра, а ја купи Ахац за 350 евра.