Словенечкиот регулатор ја одобри концентрацијата на Агрокор и Меркатор

29

agrokor_merkatorСловенечката агенција за заштита на пазарната конкуренција (АВК) објави дека позитивно ја решила пријавата на хрватски Агрокор за концентрација, во врска со спојувањето со Меркатор.

Словенечкиот регулатор притоа од Агрокор не побарал никакви дополнителни мерки, затоа што оценува дека концентрацијата на словенечкиот пазар нема да доведе до битно намалување на ефикасноста на конкуренцијата.

При одлучувањето агенцијата проверила дали концентрацијата е подложна на проценка на Европската комисија.

“Купопродажниот договор на Агрокор и мнозинскиот сопственик на Меркатор беше склучен пред влегувањето на Хрватска во ЕУ, што значи дека ЕУ не е надлежна за оцена на концентрацијата на европскиот пазар”, вели директорот на Агенцијата, Андреј Крашек, пишува Дело.

Како што изјави Крашек, одлуката била донесена без никаков политички притисок или лобирање и се базира на обемна анализа на ефектите и бројките.

Концентрација на Меркатор и Агрокор надлежните ја разгледуваат и на пазарите во Хрватска и Србија. Хрватската агенција за заштита на конкуренцијата објави дека е започната втората фаза од процесот на оценка на концентрацијата, во која треба да се утврди дали спојувањето на Меркатор и малопродажниот ланец Конзум на Агрокор ќе има силно влијание врз целиот хрватскиот пазар.

Според некои извори, процесот на супервизија во Србија би требало да заврши во првата половина на овој месец.