Цената на превоз со такси возило не би смеела да надмине едно евро по поминат километар, заклучија словенечките таксисти здружени во Занаетчиско – претприемничката комора на Словенија. За да ги покријат сите основни трошоци и да имаат заработка од својата услуга, таксистите би требало да наплаќаат по едно евро за поминат километар без данок на додадена вредност (ДДВ). Цената е пресметана врз основа на собраните податоци и важни елементи кои влијаат на цената на таски услугата.
При одредувањето на минималната ориентациона цена земени се во предвид сите најзначајни трошоци за возило од средна класа кај просечен број на изминати километри со патници во текот на еден месец, а тоа е некаде околу 3.000 километри.
Во Словенија на особено лош глас се таксистите на љубљанската железничка станица, кои на странските и домашни патници им наплаќаат неоправдано високи износи. Такси превозниците возат по различни тарифи, па со одредувањето на новата цена би требало да се стави ред кај дивите такси превозници, кои се се побројни на словенечките улици.