Словенија го продава Телеком, но НЛБ никогаш нема да ја даде цела

23

telekomСловенечкиот премиер Аленка Братушек потврди дека нејзината влада одлучила да ги продаде сите акции што државата ги има во Телеком Словеније, за да овозможи за добра цена да го презеде најдобриот стратешки инвеститор.

“На продажба на цел Телеком се одлучивме за да добиеме што подобар стратешки партнер и што подобра цена. Оценувам дека е добро што не одлучивме да ја продадеме НЛБ и никогаш нема да ја продадеме во целост”, изјавила Братушек за неделникот Младина, пренесува ХРТ.

Најголемата словенечка банка Нова љубљанска банка никогаш нема да биде продадена поради нејзината стратешка важност за државата.

“Добро е државата во НЛБ да задржи четвртина акции, кога некогаш ќе се одлучи за приватизација”, вели Братушек.

Словенечката влада на продажба нуди 72,75% акции на Телеком Словеније кои се во сопственост на државата, нејзините фондови и осигурителните куќи, а често се споменува дека меѓу заинтересираните е и Deutsche Telekom, за кој се претпоставува дека преземањето ќе го изврши преку Хрватски телеком.
Според моменталната котација на Љубљанската берза, Телеком Словеније вреди скоро 900 милиони евра, а очекувањата се дека идниот инвеститор би можел да понуди до една милијарда евра за сите акции.