Словенечките работодавци кои ќе испраќаат вработени дома “на чекање“, како резултат на епидемија на коронавирус, ќе треба да им платат 80% од просечната плата во последните три месеци, а 40% од таа сума ќе ја обезбеди државата, предложи словенечката влада.
Ваквото итно решение, предложено заради негативните ефекти на епидемијата на коронавирус врз економијата, го одобри парламентарниот одбор за труд, без ниту еден глас против, а пратениците ќе го одобрат подоцна оваа недела со пакет за економска помош.
Работникот ќе може да биде испратен дома на чекање максимум три месеци, а работодавците можат да го остварат правото на субвенционирање на државата од оваа титула само еднаш за три месеци по ред. На помош од државата не можат да се потпрат работодавците кои се даночни должници или се во несолвентна постапка.
На надомест од 80% од просечната плата додека се дома имаат право и оние работници кои мораат да одат на изолација затоа што биле ставени во карантин, но во нивниот случај трошоците ги покрива државата. Ваквите олеснувања ќе им бидат дадени на работодавците кои заради падот на нарачките и производството, треба да испратат една третина од вработените или повеќе, но и малите и микро претпријатија со еден или неколку вработени во мирување.
Станува збор за околу 110.000 компании кои работат по принципот “самовработување“, а има многу во областа на културата, новинарството, услугите и другите активности.
Фото: Pixabay