Словенија во текот на 2015 година рециклираше 54,1% од отпадот, со што стана трета земја во Европа зад Германија и Австрија, пишува словенечки 24 Ur.
Германија е европски лидер во рециклирање на 66,1% од отпадот, додека на второ место е Австрија со 56%. Германија, според европските статистички податоци, има највисока стапка на рециклирање почнувајќи од 2005 година. Зад Словенија е Белгија со 53,4% рециклиран отпад, а потоа следат Швајцарија (52,7%) и Холандија (51,7%). На дното на листата е Црна Гора, која во 2015 година рециклираше само 5,4% од создадениот отпад.
Во текот на 2010 година, Словенија имаше стапка на рециклирање на отпадот од 22%, а две години подоцна се регистрирани 42%. Во 2014 година, Љубљана беше првата европска престолнина што ја усвои програмата за “нула отпад“.
Најголем отпад по жител генерираат Данците (789 килограми), нив ги следат жителите на Швајцарија со 725 килограми, а трети се Турците со 638 килограми отпад.