
Премиерот на Словенија, Роберт Голоб, објави дека оваа година божиќниот бонус ќе биде законски задолжителен за сите – вработените во приватниот и јавниот сектор, како и за пензионерите. Тој истакна дека ова е прв ваков потег во историјата на земјата, а целта е да им се помогне на домаќинствата полесно да го надминат зголемувањето на трошоците за живот. „Божиќ за сите – за прв пат во историјата. Тоа е наш одговор на инфлацијата и зголемувањето на цените. Исплатата е планирана до крајот на годината“, рече Голоб во парламентот.
Што е божиќниот бонус?
Божиќниот бонус е паричен надоместок што работодавачите во Словенија традиционално им го исплаќаат на работниците на крајот од годината, по повод божиќните и новогодишните празници. Износите не се фиксни, туку зависат од одлуката на работодавачот, а досега немаше законска обврска да им се исплаќаат на сите.
Оваа мерка во Словенија доаѓа во време кога владата се обидува да го заштити стандардот на граѓаните во услови на повисоки цени на храната, енергијата и домувањето. Голоб нагласи дека божиќниот бонус нема да се оданочува како редовна плата, туку ќе претставува форма на олеснување за плата и пензија. Владата планира делумно да ги покрие трошоците од буџетот, а делумно преку даночни олеснувања за работодавците.
Во дискусијата за животниот стандард, Голоб се повика и на податоците на Евростат, според кои Словенија е меѓу најбезбедните земји во Европа и втора во ЕУ по задоволството на граѓаните од животот. Тој нагласи дека владата сака да одржи избалансиран развој, со ниска невработеност, умерена инфлација и намалување на јавниот долг.
Синдикатите го поздравуваат како добредојдена помош за вработените и пензионерите, додека некои работодавци предупредуваат на дополнителен притисок врз малите бизниси.
Фото: Pixabay