Сместувањето на Јадранот ова лето поскапо од било кога

82

Одморот на Јадранот летово би можел да биде поскап од кога било – веќе се најавува дека цените на приватното сместување во просек ќе бидат повисоки за 30 отсто.

Стан кој лани во шпицот на сезоната беше 60 евра, годинава ќе биде околу 80 евра, пренесува Дневник.хр. За десетдневен престој на Јадранот само за сместување ќе треба да одвоите околу двесте евра повеќе.

Дел од изнајмувачите сè уште чекаат да ги утврдат цените додека не видат што ќе биде по март со владиниот пакет помош поврзан пред сè со цената на струјата.

„Последниве неколку години во Ровињ одмараме минимум три недели. Ноќевање лани во шпицот на сезоната не чинеше 60 евра. Барав понуди од изнајмувачи за оваа година и цените се ненормални, дури и за подолг престој. Од 90 евра на пооддалечена локација до 140 евра. Најверојатно ќе ја смениме дестинацијата, но и Далмација не е многу подобра. Погледнав во Грција, цела куќа во шпицот на сезоната е 150 евра“, изјавил соговорник за Дневник.хр.

„Со оглед на севкупната ситуација, економска и социоекономска, би било реално да се зголемат цените на сместувањето за 15 до 20 проценти, но ако ги земеме сите давачки што се зголемени за приватните изнајмувачи; од таксата за престој, туристичката членарина и комуналните услуги на бројни дестинации, реалното поскапување на семејното сместување е околу 30 отсто“, објаснува за Дневник.хр Мирко Булиќ од Здружението на Хрватската заедница на семејно сместување.

Трендот, вели тој, е цените на овој вид сместување на светско ниво да пораснат за 15 до 25 проценти.

„Значи тоа нема да ни прави турбуленции, се надевам дека ќе бидеме пребукирани и дека ќе испраќаме гости во Албанија и соседните земји“, додава Булиќ.

Досегашните повисоки цени се чини дека не влијаеле на резервациите. Згора на тоа, резервациите за сезоната се за 10 до 15 проценти подобри од минатата година во ова време, а за сето тоа придонесуваат и двете корона години, бидејќи луѓето сакаа да патуваат.

Глобалниот туристички сообраќај ќе порасне за 30 проценти во 2023 година, предвидуваат експертите, но и покрај тоа, тој сепак ќе остане под нивото пред пандемијата.

Хрватскиот туристички одбор објави зголемување од 5,2 отсто на ноќевањата во 2023 година, на околу 110,3 милиони ноќевања. Минатата година достигнa 96 отсто од ноќевањата од 2019 година, така што тоа би значело достигнување рекордни бројки.

Голем плус за хрватскиот туризам е влезот во Шенген зоната и еврозоната, што ја направи Хрватска уште подостапна и отворена за туристи од Европа.

За оние кои доаѓаат со автомобил, Хрватска и понатаму е главен избор, но претседателката на Здружението на семејни изнајмувачи на Хрватска, Барбара Марковиќ, смета дека цените би можеле да им се удрат од глава.

„Јасно е дека со инфлација и нови давачки за закупувачите, неминовен е пораст на цените. За жал, нашите цени се веќе многу повисоки од оние на нашите  конкуренти; Грција, Шпанија, Португалија…Нормален стан во Грција во екот на сезоната е 90 евра, а во центарот на Сплит годинава ноќевање во истиот стан ќе биде од 150 до 170 евра. Во ресторан во Грција најскапото шише вино во сезона ќе платите 25 евра, а во Сплит 50 евра“, вели Марковиќ.

Сепак, и покрај тоа, сезоната во Хрватска се вели дека е веќе многу исполнета, а и претсезоната оди добро.