СН Осигурителен Брокер издава корпоративни обврзници вредни 80 милиони денари

138

Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија донесе Решение со кое на СН Осигурителен Брокер АД Битола му даде одобрение да издаде прва емисија на корпоративни обврзници по пат на јавна понуда. Станува збор за 8.000 долгорочни должнички хартии од вредност со вкупна продажна вредност од 80.000.000 денари, којашто е еднаква со номиналната вредност на емисијата.

Обврзниците ќе се понудат преку Македонската берза по моделот фиксна цена со давање приоритет на налози со порано време на внес на налогот. Оттука, поединечната продажна цена на обврзниците е фиксна и изнесува 10.000 денари.

Каматната стапка на долгорочните должнички хартии од вредност за целиот период е фиксна и ќе изнесува 6% на годишно ниво. Пресметката и исплатата ќе се врши еднаш годишно, сметано од денот на упис на обврзниците во Централниот депозитар за хартии од вредност.

Првата исплата на камата ќе започне по истекот на 12 месеци од денот на уписот, а ќе заврши по истекот на пет години. Согласно Законот за хартии од вредност, менаџментот утврдил процентот на успешност на јавната понуда да изнесува над 60% од вкупната емисија.

Емисијата на обврзници на СН Осигурителен Брокер АД Битола се врши заради подобрување на финансискиот потенцијал на Друштвото и остварување на планираните цели и стратегии за негов раст и развој.

Фото: Facebook